Неколку земји, светски агенции и организации и приватни донатори ветија една милијарда долари за да им помогнат на жените и децата ширум светот, на кои има треба помош. Средствата ќе бидат доставени на Глобалниот фонд за финансирање.

Парите ветени денеска на форумот во Осло ќе бидат искористени за подобрување на здравјето и исхраната на мајките и децата во некои од најсиромашните земји во светот. Фондот, на кој му се доделени средствата, беше формиран во 2015 година и сега работи во 27 земји. Тој си постави за цел да собере две милијарди долари, за да може да дејствува во 50 држави.

Светската банка, една од организациите која го поддржува фондот, изјави дека ќе обезбеди 7,5 милијарди долари за слични програми. Веста беше објавена од главниот извршен директор на Светската банка Кристалина Георгиева.

-Секоја година, 830 жени умираат од компликации поврзани со бременоста или породувањето, а 450.000 деца под 5 години секој месец умираат непотребно, рече Георгиева.

Норвешка, земјата-домаќин на настанот во Осло, вети 320 милиони долари за фондот, Велика Британија ќе даде 65 милиони евра, а Германија 58 милиони. Приватните донатори, вклучувајќи ја и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, ветија 200 милиони долари.

Некои сиромашни земји се обврзаа да ги зголемат финансиите за националните здравствени програми. На пример, Буркина Фасо вети најмалку 15 отсто од својот буџет за подобрување на здравјето на луѓето.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 22:59