Русија неделава во Генералното собрание на ОН ќе упати протест до американските власти за конфискацијата на дипломатски имот од страна на САД.

Руските дипломати имаат намера да го постават прашањето за конфискација на дипломатски имот во Шестиот (правен) комитет на Генералното собрание на ОН. Од гледна точка на Москва, постапките на Вашингтон се „грубо нарушување на меѓународно-правните обврски“.

На руските дипломати во САД им е забранет пристап до две амбасадорски куќи во сојузните држави Мериленд и Њујорк, конзулатот во Сан Франсиско, резиденциите при конзулатот во Сиетл како и просториите на трговските претставништва во Вашингтон и Њујорк.

Куќите за постојан престој на дипломати и вработени во амбасадата беа конфискувани во рамките на жестоката реакција на САД за наводната вмешаност на руски тајни служби во претседателските избори во 2016 година. Симнувањето на дипломатскиот имунитет од објектите во Сан Франциско, Вашингтон и Њујорк беше одговор на Вашингтон на конфискација од страна на руските власти на имот на САД во Русија.

Пристапот до објектите во Сиетл американската страна го забрани во рамките на изразената солидарност со Белика Британија во однос на „случајот Скрипал“.

Познавачите велат дека протестното обраќање што Русија го подготвува пред Генералното собрание на ОН всушност нема да постигне ништо.

Резолуција за осуда на постапките на американските власти нема да собере мнозинство гласови во Генералното собрание. Дури и да собере, Вашингтон едноставно би ја игнорирал, бидејќи документите на Генералното собрание не носат правно-обврзувачки карактер.

Паралелно со постапката во ОН, Москва се подготвува да го оспори одземањето на рускиот дипломатски имот и пред американските судови. Претседателот Владимир Путин лани во септември му наложи на руското МНР да поднесе тужба до суд на американска територија.

-Да видиме колку ефективно работи толку фалениот американски правен систем, изјави тогаш Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 23:31