Општина Велес планира, некогашниот пензионерски дом, што беше пренаменет во хотелот „Вила Зора", во партнерство со странски инвеститори повторно да го уреди во пензионерски дом за сместување и згрижување на стари лица.
Поранешниот хотел „Вила Зора" веќе девет години е запуштен, риуниран и нефункционален. Имено, половина од хотелот е во сопственост на Општина Велес.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски за МИА наведе дека уредувањето не можат да го направат сами како Општина, поради тоа, согласно со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, планираат да го дадат на странски инвеститор, со цел објектот да биде реновиран и преуреден во Пензионерски дом.
Тој посочи дека во текот на минатата недела заинтересиран странски инвеститор бил на разговори во Општината, како и во посета на местото.
– Општината се надева дека во скоро време некој заинтересиран странски инвеститор ќе вложи средства.Ваков објект за сместување и згрижување на стари лица во Велес и регионот е повеќе од неопходен затоа што младите се' повеќе заминуваат во странство и нема кој да се грижи за нивните постари родители,потенцира Коцевски.
Имено, поранешниот Пензионерски дом во Велес беше изграден во 1985 година.