Помош во семејство со новороденче секогаш е потребна, особено кога доаѓа од стручно лице кое е информирано, знае да се справи со потребите на бебето, да помогне во надминување на стравовите на мајката, да препорача доење, правилна нега и грижа за најмладите членови на семејствата. Ова го констатираат мајките чии домови секогаш се отворени за патронажните сестри од поливалентната служба од кумановскиот Здравствен дом. Една од нив е и 29-годишната Магдалена Поповска-Ѓорѓевска, мајка на Ѕвездан. Таа раскажува дека советите што ги добива од сестрите за грижата околу нејзиниот син се повеќе од добредојдени.
– Многу се стручни, љубезни и можам да се потпрам на нивното знаење, вели кумановката Поповска-Ѓорѓевска.
Домот на семејството Ѓорѓевски деновиве го посетија патронажните сестри Богица Зафировска и Катерина Јовановска, двете со долгогодишен стаж во оваа професија. Нежно држејќи го бебето ѝ објаснуваат на мајката за бенефициите од ексклузивното доење, како да се надмине парцијалното внесување вештачка формула и како да се надминат грчевите кај новороденчето. Разговорот тече спонтано и пријателски, па се стекнува впечаток дека долги години патронажните сестри се пријателки со мајката. И додека ги прегледуваат новороденчето и мајката, укажуваат дека мајките можат секогаш да им се јават и да побараат помош и совет за негата на доенчето.
– Теренот што го покриваме се протега сè до планинските села на границата со Србија. Убава е оваа професија кога знаеш дека во одреден момент си важен за мајката и новороденчето, велат патронажните сестри.
И двете се присетија на моментите кога посетувале мајки со хендикеп кои со многу љубов се грижеле за новороденчињата, мајките од селата кои се снаоѓале за вода за да го искапат детето, на моментите кога и самите собирале хуманитарна помош за да им помогнат на одредени семејства со новороденчиња кои биле во незавидна финансиска состојба. Патронажните сестри ракажуваат дека има мајки кои не се ниту полнолетни и мајки кои, иако родиле трето дете, имаат стравови за одредени прашања, мислејќи дека низ годините заборавиле како се чува новороденче.
– Им објаснуваме за вакцините. Обично прифаќаат, иако имаат одредени недоумици, со оглед на фактот што доста често на интернет читаат негативни коментари што произлегуваат од глобалната антивакцинална кампања, велат сестрите.
Сè уште, додаваат, има мајки, дури и во урбана средина, кои ги повиваат децата, иако сестрите им укажале дека не треба. Во поширокиот регион најмладата мајка која ја посетиле била на 13-годишна возраст, а највозрасната на 45 години.
– Помош за доење особено им е потребна на мајките породени со царски рез, каде што доењето доцни најмалку една недела, и таму одиме речиси секој ден за им дадеме поддршка на овие родилки, велат двете патронажни сестри.
Во поширокиот кумановски регион има вкупно 22 сестри од оваа служба кои работат во трите општини. Тие ги посетуваат сите возрасни категории, новородени, бремени, леунки, мали деца во предучилишна и училишна возраст, жени во репродуктивен период, стари лица над 65 години, хронично болни. Службата работи по програмата за мајки и деца пропишана од Министерството за здравство со предвиден број посети за секоја категорија корисници.
Одговорната сестра Љиљана Ивановска во патронажната служба работи од 1997 година. Таа е специјализирана за семејна и патронажна здравствена нега.
– Многу е важно сестрите постојано да се обучуваат и да го надградуваат знаењето, вели Ивановска.
Таа, покрај завршените голем број едукации и обуки за превентивна здравствена заштита, за дијабетес, за подобар пристап и прием во семејства со деца со посебни потреби, е и учесничка на Европската школа за млади мајки, новородени и адолесценти.
– Работата е советодавна, ги обучуваме мајките за нега и исхрана на новородено во домашни услови, правилен физички и ментален развој на доенчето, на поврзаноста на мајката и бебето, за важноста на здравјето на новороденчето од мајчиното добро физичко и ментално здравје, појаснува Ивановска.
Патронажната служба работи и со жени во репродуктивен период, укажува на потребата од редовна контрола на бременоста кај матичните гинеколози.
– Особено важни се и раното препознавање на отстапувањето од нормалниот развој кај децата и раната реакција, со цел навремено третирање, изјави Ивановска.
– За да бидеш добра и успешна патронажна сестра, треба да имаш широк дијапазон на знаења, совладани комуникациски вештини, висок степен на емпатија и доверливост за подобар пристап и прием во семејствата и желба постојано да се едуцираш и надградуваш, додава Ивановска.
Патронажната служба од Куманово целосно е посветена на нејзината првична цел, советодавна улога за здрава популација, здраво потомство, начините како да се подобри здравјето, да се унапреди квалитетот на животот.
Александра Максимовска