Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство интензивно работи на изградба на системот за наводнување „Равен – Речица“, со што ќе се овозможи зголемување на наводнуваните земјоделски површини во полошкиот регион опфаќајќи вкупно 3.300 хектари земјодлеска површина во Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово.

-Во овој период на терен во полн ек се градежните работи во делот на изградба на изливниот базен во што ќе се собира водата, се врши копање на каналот за цевководот и изградени се пристапните патишта до базенот и до цевководот. Со овој систем за наводнување ќе се наводнува земјоделската површина што се протега од десната горна страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина, односно до границите на градежните урбанизирани површини на населените места во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово, почнувајќи од Здуње се до Мала Речица, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со овој хидромелиоративен систем ќе се опфати и дополнителна површина од 300 хектари, што се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, во атарот на населеното место Горно Седларце.

Вкупната вредност на инвестицијата за реализирање на главниот доводен цевковод од системот за наводнување „Равен – Речица“ изнесува околу 975 милиони денари. Изградбата ќе се реализира во две фази и се очекува да трае пет години.

Реализацијата на овој капитален проект се финансира со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска подршка на руралниот развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 13:33