УНДП денеска го промовираше проектот „Зајакнување на општинските совети“ пред советниците во општина Куманово. Проектот има за цел да ги зајакне и информира општинските совети што активно ги спроведуваат улогите на надзор и претставување и ќе придонесе општинските власти да бидат поодговорни и поисполнителни во однос на потребите на граѓаните, особено за темите поврзани со родови прашања, добро управување, социјална инклузија и меѓуетничка соработка. Според надлежните од проектот, 90 проценти од членовите на советите низ општините во државата се нови, без претходно искуство и соодветно образование. – Во рамки на овој проект предвидуваме зајакнување на капацитетите на советниците за поуспешно спроведување на своите надлежности, имајќи предвид дека состојбата со советите во Македонија е таква каде што имаме многу нови советници. Со последните избори скоро над 90 проценти од советниците се нови, првпат се советници без соодветно образование или претходно искуство така што со планираните активности во рамки на проектот предвидуваме зајакнување на нивните капацитети, изјави менаџерот на проектот, Илмиасан Даути. Пред советниците беа презентирани проектните активности како и придобивките кои што советниците можат да ги добијат од спроведувањето на проектот и придобивките кои што генерално се обезбедени или овозможени за општините кои учествуваат во проектот и за советите. Во проектот досега се вклучени шест општини, а дополнителни девет општини со кои што УНДП ќе работи во 2019-та година допрва ќе бидат избрани по пат на селекција. Резултатите ќе бидат познати на крајот на месецов, а една од општините апликанти е токму Куманово. Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.