Летонскиот претседател Рајмондс Вејонис го номинираше денеска претседателот на „Нова конзервативна партија“ Јанис Борданс за премиер и му даде рок до 21 ноември да се обиде да состави влада.

Борданс, адвокат и поранешен министер за правда, и неговата „Нова конзервативна партија“ ја фокусираа својата кампања на потребата од борба против корупцијата.

– Владеењето на правото ќе биде приоритет, истакна Борданс.

Според него, новата владина коалиција ќе вклучува пет партии и во неа нема да биде проруската социјалдемократска партија „Согласност“, ниту Сојузот „Зелени и земјоделци“.

Доколку во дадениот рок Борданс не успее да состави влада, тогаш претседателот на државата мандатот ќе му го додели на друг кандидат.

На изборите одржани на 6 октомври, најмногу места во 100-домниот Парламент освои „Согласност“ – 23, но ниту една од парламентарните партии не сака да коалицира со таа партија која ги застапува интересите на рускојазичното население.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 14:56