Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ ќе отвори Центар за пренос на знаења и технологии. Искуствата ќе ги црпат од полскиот Политехнички универзитет од Гдањск, за што деновиве во посета е и универзитетскиот професор Криштоф Малицики.

– Можеш да иновираш, можеш тоа и да го објавиш, но и ќе можеш да го имплементираш во стопанството. Важно е иновацијата да побуди раст на стопанството, процентот на БДП и да создаде можност за соработка меѓу Универзитетот и бизнис секторот. Тоа е целта на постоењето на универзитетските центри за пренос на знаења и технологии, вели Малицики.

Претставникот од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип Васко Златковски информира дека советите и размената на искуства од европски универзитети, каде вакви центри веќе работат, се повеќе од неопходни.

– УГД во соработка со Центри за развој на ИПР и Вардарскиот плански регион веќе е влезен во процес на изработка на физибилити студија за изградба на еден таков капацитет во Штип и Велес. Се надевам дека гостувањето на господинот Малицики ќе придонесе за разјаснување на повеќе дилеми околу профункционирањето на еден таков Центар, вели Златковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 17:42