Централната прослава на општинскиот празник, 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, се одржа денеска со положување цвеќе пред обележјата и спомениците на народните херои, паднатите борци и сите жртви на фашизмот.
Покрај општинската делегација предводена од градоначалникот Сашо Поцков, цвеќе положија делегации на борците, пензионерите, политичките партии, здруженија на граѓани и делегациите од збратимените општини Инџија, Јабланица и Гвозд.
Денешната програма потоа продолжи со церемонијата околу предавањето во употреба на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија кој на граѓаните ќе им обезбеди дополнителни количини на здрава и квалитетна вода за пиење и со свечена академија.
Изминативе пет дена под покровителство на општина Гевгелија се одржаа бројни културно уметнички настани и манифестации, а богатата програма ќе заврши вечер со театарската претстава „Вдовицата се мажи“ во изведба на Велешкиот театар.