Пеп Гвардиола беше тренер на Баерн Минхен во периодот 2013-2016 и за тоа време освои три титули во Бундеслигата, два Купа, еден Супер Куп на Европа и титулата светски клупски шампион.

Сепак, домашните трофеи не го задоволија раководство на најголемиот германскиот тим, кој имаше огромна желба за успех во Лигата на шампионите, но на „Алијанц Арена“ беа незадоволни со системот кој Пеп го наметнуваше, кој тешко се прифаќаше на баварска почва.

Последица на ова беше неговото заминување во Манчестер Сити по завршувањето на сезоната 2015/16, во која домашната титула беше недоволна за фановите по поразот против Атлетико во полуфиналето на Лигата на шампионите. Пеп им кажа збогум на навивачите, тој се пресели во Англија и таму ја почна мисијата со „граѓаните“, на кои во 2018 година им ја донесе титулата.

Сепак, две и пол години подоцна, во Германија повторно излегуваат информации за начинот на кој легендарниот играч и тренер на Барселона си заминал од Минхен.

Весникот „Шпигел“ денеска објави дека Гвардиола го прекршил договорот и потпишал со Манчестер Сити во моментот во кој тој бил под договор со Баерн.

– Гвардиола на 10 октомври 2015 година потпиша договор за 13,5 милиони фунти со клуб во Премиер лигата. Тоа беше само два месеца од почетокот на неговата последна сезона во Баерн, објави „Шпигел“, објаснувајќи дека „нападот“ на Сити врз Пеп бил „тајна мисија“.

Изданието додава дека ниту Манчестер Сити, ниту тренерот не кажале ништо јавно за тоа, а неговиот трансфер беше официјализиран на 1 февруари 2016 година.

Гвардиола веќе зборуваше за овие наводи и рече дека ги почитувал правилата.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 20:01