Старите ИМТ трактори се користат само во Македонија и Србија, а во дргуте земји од регионот одамна се исфрлени од употреба, бидејќи имаат голема потрошувачка на нафта и нема резервни делови за нивно одржување

Додека на европските ниви можат да се сретнат најсовремени трактори од 500 коњски сили, нашите земјоделци се уште мака мачат со старите југословенски трактори ИМТ. Овие трактори се веќе застарени и за нив не можат да се најдат резервни делови, а и потрошувачката на нафта е многу поголема. Токму застарената механизација е еден од главните факторите кои ги прават нашите земјоделски производи поскапи и помалку конкурентни на европските пазари.

Според агробизнисмените, субвенциите од 10.000 евра кои се даваат за млади земјоделци се многу малку и со нив не може да се обезбеди поголем трактор, кој чини околу 20.000 евра.

– Десет илјади евра е мала сума за сериозна дејност, за која и да е дејност. Како да бидат доволни 10 илјади евра кога само еден трактор чини од 10 до 250 илјади евра, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комора при Сојузот на стопански комори – ССК.

Токму затоа тој смета дека треба да се издвојат повеќе пари од државата за овој сектор. – Не сакаме ништо повеќе освен субвенции по теркот на Европската Унија, од чиј буџет годишно се издвојуваат по 67 отсто за земјоделството, вели тој.

Земјоделците се согласни дека квалитетен трактор не може да се купи за 10.000 евра. Подобрите трактори кој можат да работат на поголемите ниви чинат околу 20.000 евра, а за такви немаат пари.

– За 10.000 евра може да се купи само мал трактор ИМТ. Овие трактори се употребуваат само во Македонија и Србија, а во дргуте земји од регионот одамна се исфрлени од употреба, бидејќи имаат голема потрошувачка на нафта и нема резервни делови за нивно одржување, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

Тој додава дека поради лошите земјоделски политики порано трактори се давале и на оние кои воопшто не се занимавале со земјоделство.

– Се даваа големи трактори од над 100 коњски сили за земјоделци со по два декари земја. Голем дел од земјоделците овие трактори воопшто не ги користеа, туку ги препродаваа, додава тој.

Целиот текст можете да го прочитате на Вечер.прес



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2018 23:32