Припадниците на Баталјонот за почести и опслужување во Армијата на Република Македонија (АРМ) денеска работно ќе ја одбележат 75 годишнината од нејзиното формирање односно од формирањето на првата македонско-косовска ударна бригада на 11 ноември 1943 година во село Сливово.
Денот на баталјонот ќе се одбележи со промоција на првата македонска офицерска сабја за почести, со смена на државните знамиња пред резиденцијата на претседателот на Република Македонија и пред Владата, како и со промоција на првата книга „Почесна гарда на АРМ“, посветена на сите припадници на почесната гарда од авторот потполковник м-р Иван Атанасоски, командант на Баталјонот.
Предвидена е и посета во гардиска униформа на Детската клиника во Скопје, како и крводарителна акција.
Прва македонска офицерска сабја за почести
– Се работи за наша автохтона оригинална сабја, проект на кој работевме шест месеци и многу се гордееме, вели командантот Атанасоски.
За изработката на ликот на оваа сабја биле извршени консултации со многу државни и граѓански институции, меѓу кои Музеј на Македонија, Воениот музеј, верските институции – Охридска архиепископија МПЦ и ИВЗ. Дизајнот на сабјата е изработен од Стојанче Величковски хералдички уметник.
Сабјата е украсена со уникатен македонски рубин и реткиот минерал на лорандитот од рудникот Алшар.
Интересн е декоративниот орнамент – Златната ракавица, затоа што по својата форма е во вид на преплет и претставува симбол на бесконечност, а во кружните форми што се образуваат последователно се јавува симбол сонцето. На церемонијалната сабја е изгравиран амблемот на единицата. Формата на штитникот на рачката е инспириран од македонскиот даб, додека неговите транспарентни сегмени ја симболизираат подготвеноста и стремежот на граѓаните на Република Македонија да изградат модерна и транспарентна армија која ќе го штити суверенитетот и интегритетот на земјата.
„Комитската“ униформа омилена кај гардистите
Идната година се очекува нова набавка на старата гардиска униформа, позната како „комитска“. Инаку, постојат четири вида униформа за гардистите: свечена, церемонијална, празнична и старата „комитска“, што се уште се користи. Првиот дизајнер на „комитската“ униформа од 1993 година е професор д-р Ѓорѓи Здравев, додека новата стилизирана свечена воена униформа за почесната гарда е изработена во 2011/2012 година од Александар Ношпал.
Најчесто, велат припадниците од почесната гарда, од новата се користи свечената униформа, празничната се користи ретко, а церемонијалната најретко.
Мајор Дејан Величковски, командир на Првата гардиска чета и капетан Златко Павловски, командир на Втората гардиска чета, децидени дека сите гардисти ја носат униформата, стара или нова, со чест и со огромна гордост. Посочуваат дека најголем дел од гардистите сметаат оти комитската е подобра, но, велат, и со новите се навикнавме.
– Старата „комитска“ најчесто ја користиме во Крушево, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, ја вративме повторно во резиденцијата кај претседателот на државата и кога имаме наредба дека треба да се излезе со комитската униформа, нагласува Павловски.
Помалку вода пред задача за почесна стража
На прашањето кога како почесна гарда најдолго стоеле, двајцата командири на гардиските чети посочуваат дека тоа е главно кога се даваат заклетви од страна на припдниците на АРМ. Сепак, секој има свое искуство.
– Најдолго сум бил во гардиска униформа кога ја носевме Декларацијата за независност на Република Македонија од Собранието до Музејот во 2012 година. Тоа беа пет и повеќе часа и тоа плус со дрвениот сандак во раце каде што беа трите листа на Декларацијата. Тоа за мене беше најдолго, и тоа не толку стоењето колку што рацете мораше да бидат во позиција да ја носам кутијата. За мене лично тие пет и повеќе часа беа сериозен тест дали сум или не за ова работа, се сеќава Величковски. Павловски наведе дека се уште нема такво искуство.
Со оглед на тоа дека се работи за часови стоење во место, на прашањето кога последен пат се случило припадник на почесната гарда при извршување на задачата да се онесвести, информираат дека тоа последен пат се случило во 2006 година во Охрид, на одбележување на Денот на АРМ.
Величковски и Павловски појаснуваат дека имаат тренирани ситуации се со цел да се избегнат такви непријатност и да се избегнат анегдотите потоа.
За случајот за време на пречекот при неодамнешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел, Величковски тврди дека гардистот почувствувал дека не може да издржи и со помош на колеги излегол од стројот.
– Тоа е најголемата обука. Сите знаат да стојат и да ја држат пушката. Но, да процениш дека нема да можеш да додржиш и да не го нарушиш угледот, тоа е кога моралниот аспект и психофизичката подготвеност е на високо ниво. Самите да се свесни да не чувстуваат срам, да не го штити егото зошто ќе му се смеат. Потоа секако го зезаат во автобус, но тоа е помалата цена што ја плаќа, свесен е за поголемата цена, истакна Величковски, додавајќи оти се трудат да не пијат премногу вода за да не ги напаѓаат физиолошките потреби.
„Почесна гарда на АРМ“ првата книга посеветена на припадниците
На одбележувањето на Денот на баталјонот ќе се промовира и првата книга од авторот Иван Атанасоски посветена на сите припадници на почесната гарда „Почесна гарда на АРМ“. Во книгата, подвлекува авторот, се обидувам меѓу другото да направам и дистинкција за тоа што е гарда, а што е почесна гарда.
– Почесната гарда ги претставува највисоките идеали на земјата и културата од која потекнува. Нејзините задачи се да ги чува, гради и презентира традициите и вредностите на својата земја, нагласи Атанасоски, командант на Баталјонот.
Почесна гарда- кој може да биде припадник
Баталјонот за почести и опслужување формациски е составен од гардиски единици – гардиски чети, штабно одделение и воен оркестар.
Почесната гарда претставува воена единица што се состои од припадници на Армијата кои се внимателно избрани според нивните физички и психички вештини односно нивната голема мотивираност, високиот стандард на надворешниот изглед и однесување, а кои поседуваат голем талент и вештина во извршувањето на церемонијалните обврски.
Во Република Македонија односно во ГШ на АРМ нема официјален пишан документ за критериумите за тоа кој може да биде припадник на единицата. Неформално, информираат од таму, условите за да се биде припадник на оваа единица се: припадниците да се високи од 175 до 195 сантиметри, а тежината да е пропорционална на висината, не смеат да имаат видливи белези на лицето, да не користат очила при извршување на задачите, психофизички да се подготвени да одговорат на предизвикот, моторичките способности да им се на највисоко рамниште, да немаат безбедносни ограничувања и да имаат високо развиено чувство на патриотизам.
– Во почесната гарда начелно пет проценти се жени, но за жал многу мал број од нив во текот на историјата ја носеле гардиската униформа, вели Атанасоски.
Првата жена војник која била во гардиска униформа е Верица Златевска, а првата задача што ја извршила е на 31.01.2014 година.
Ден на редовната обука на гардистите
Основата ни е пешадија, а специјализација ни се протоколарните задачи, потенцираат Дејан Величковски, командир на Првата гардиска чета и Златко Павловски, командир на Втората гардиска чета,
Најголемиот предизвик секое утро од работниот ден за гардистите е да се помине сообраќајниот метеж на „пластичарската улица“ за да се дојде навреме на работно место во касарната „Илинден“. Потоа почнува редовната подготовка, облекување на униформата, средување на заедничките простории, редовното редарство и подготовка за реализација на утринската смотра и утринското кревање на државното знаме во 08.30 часот. Продолжува со утринска смотра, на која се потврдуваат извршените претходни задачи и планираните за во текот на неделата. Зависно кој ден е утринската смотра е различна.
– Еден ден има смотра на личен изглед на војникот, нареден ден смотра на АБХО средства, друг ден на инженериски алат и опрема што ја поседуваме. Секој ден има обврска, појаснува Павловски, а Величковски додава дека со тоа се постигнува редовното кондицирање и на изгледот на војниците и на опремата.
Павловски и Величковски во однос на тоа дали постои трема при извршување на почесните гарди посочуваат дека постои позитивна трема.
– Позитивна трема постои пред настап кога знаеш да ја отсвириш целата мелодија, но има аудиториум, те гледа. Има нови војници кои доаѓаат, но тие се посебно мотивирани, што дури треба малку да ги подзадржиш, вели Величковски.
Од многубројните анегдоти кои се прераскажуваат меѓу гардистите, а поголем дел, како што велат не се за јавноста, една е и онаа на Пелинце на 2 Август 2013 година, кога бил и вториот ден како приипадник на единицата на Златко Павловски, кој требало заедно со останатите да изврши „мега задача“ пред голем број гости и високи гости.
– Ги положивме венците, гостите беа дојдени, концертот се подготвуваше да почне. Дотрча една од организаторките од Куманово и вика ајде ајде играорците брзо наваму. А ние облечени во бели панталони, со црвени палта, шубари на главата, затоа што свечената униформа е многу специофична, и почна да не собира. Војниците скоро два метра високи, големи ја гледаат, па таа тогаш им вика- вие не сте играорците. А тие – не тето ние сме гардистите, не сме играорците. После тоа има многу луѓе што сакаат да се фотографираат. Знаат кои сме, затоа што сме со уникатна униформа, со уникатни задачи , не препознаваат како единица, а пушките им се особено интересни, со насмевка раскажува Величковски.
Инаку, во 2009 година е изработен првиот правилник за воен протокол во АРМ за оддавање воени почести и на армиско и на државно ниво.
Признанија, пофалби, благодарници
Минатата година баталјонот првпат е одликуван со највисокиот орден за воени заслуги од претседателот на Република Македонија.
Гардистите имаа добиено и голем број плакети и благодарници од армиските колеги за поддршката во реализирање на задачи или одбележувања настани. Благодарница има добиено од началникот на ГШ на армијата на Албанија по повод учеството на парадата по повод 100-годишнината од формирањето на нивната држава. Една од благодарниците е и од градоначалникот на општина Гази Баба по повод учеството во справување со последиците од елементарната непогода во 2016 година.
Првиот рапорт на македонски јазик пред словенечкиот претседател Милан Кучан
Се почнува од првиот рапорт на 17 март 1992 година пред да биде формирана бригадата, информира командантот Иван Атанасоски..
– Првиот рапорт е даден пред претседателот на Словенија. Пред формирањето на воените единици на Армијата сме имале официјална посета од претседателот на Словенија Милан Кучан. Со првата почесна единица предводена од полковник Стефан Лазаревски, кога на свечениот пречек прв пат беше поставена почесна единица на АРМ, со македонско државно знаме, беше предаден рапорт на македонски јазик и беше интонирана македонската химна за пречек на еден странски државник. Тоа се случувало на 17 март, а веќе на 26 март е формирана првата гардиска бригада, образложува Атанасоски.
Во рамки на првата гардиска бригата која функционирала од 1992 до 2001 година командантот на единицата има напишано историјат за првата гардиска бригада, кога почесната единица во тој период била во рамки на таа бригада.
Историја на баталјонот за почести и опслужување
Баталјонот за почести и опслужување е заснован врз темелите на Првата Гардиска бригада која беше формирана по осамостојувањето на Република Македонија на ден 26 Март 1992 година во касарната „Илинден”, по заминувањето на тогашната Југословенска Народна Армија и формирање на Армија на Република Македонија.
Со преструктуирањето на Армијата на Република Македонија во 2001 година, започна формирањето на Гардискиот баталјон за почести и опслужување во состав на Првата гардиска бригада што активно беше вклучена во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритетот на Република Македонија во сите кризни подрачја.
Според тогашната формациската поставеност на баталјонот во неговиот состав беа: Командата на баталјонот, првата и втората гардиска чета, четата за опслужување и воениот оркестар. Во составот на баталјонот влегоа старешини со големо искуство стекнато во првата Гардиска бригада, така што на 22.07.2002 година официјално почна да функционира гардискиот баталјон за почести и опслужување.
На 01.03.2006 година, Гардискиот баталјон за почести и опслужување се трансформира во баталјон за почести и опслужување во чија формациска поставеност влегоа: Команда на баталјонот, гардиска чета, чета за опслужување и воен оркестар.
Со последната трансформација во АРМ, со која се вршеше професионализација, осовременување и целосни подготовки за влезот во НАТО, баталјонот за почести и опслужување е ставен во формацискиот состав на Командата за логистичка поддршка (КЛП) на АРМ.
Мисијата на Баталјон за почести и опслужувања е: стручно и методско оспособување и усовршување на целокупниот состав за давање на протоколарни почести од различен карактер и големина, постојано Логистичко обезбедување на Министерство за Одбрана и Генерал Штаб на Армијата на Република Македонија во сите услови, обезбедување на Претседателската резиденција со готовиот вод кој е во состав и дел од мисијата на Баталјон за почести и опслужувања.
Баталјонот за почести и опслужување на многубројни странски делегации и државници им оддаде почести на највисоко професионално ниво.
ЦВЕТАНКА МИНОВСКА