Јавното претпријатие за комунални работи од Делчево започнува акција за собирање на растителниот отпад од дворните места на граѓаните. Како што информираат од претпријатието растителниот отпад ќе почне да се собира од понеделник при што ќе бидат опфатени сите населби во општината.
– Во текот на следната недела во деновите од понеделник до петок, ЈПКД „Брегалница“ ќе врши собирање на растителниот отпад од дворните површини во градот Делчево. Акцијата во понеделник и вторник ќе ги опфати дворните места од населбата Милково брдо, во среда ќе продолжи во населбата Ново Делчево, додека во четврток и петок ќе бидат опфатени населбите Стар Монопол, Први, Втори и Трети Реон и Стар Расадник, информираат од ЈПКД „Брегалница“.
Оттаму додаваат дека сите граѓани се должни да го соберат и соодветно да го пакуваат растителниот отпад и да го остават до дворните огради на видно и пристапно место.
Во претходните неколку акции вработените во претпријатието го собираа растителниот отпадот од јавните површини во градот Делчево.