Нето добивка со раст од 16,8 отсто и пораст на бројот на корисници на широкопојасен интернет и IPTV услугите, евидентира Македонски телеком во првите девет месеци од годинава.
– Македонски Телеком бележи позитивни трендови во првите девет месеци од работењето. Приходите од продажба бележат зголемување за 1,7 отсто, зголемена е профитабилноста, а компанијата континуирано има пораст на бројот на корисници на широкопојасен интернет и во IPTV сегментот. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) за првите девет месеци од 2018 година е зголемена за 6,7 отсто во споредба со истиот период од претходната година, додека нето добивката бележи раст од 16,8 отсто, соопшти денеска Македонски Телеком.
Телекомуникациската компанијата информира дека на крајот од првите девет месеци од годинава, вкупниот број на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 1,7 отсто споредено со истиот период минатата година и изнесува 192,7 илјади. За 8,7 отсто е зголемен бројот на IPTV корисници во споредба со истиот период од претходната година што резултира со база од 124,1 илјада корисници на крајот од првите девет месеци од 2018 година. Според интерните проценки, Македонски Телеком има 29,7 отсто удел од вкупниот ТВ пазар.
МТ соопштува дека го зголемиле уделот на постпејд претплатници во сопствената мобилна мрежа. На крајот од првите девет месеци од годинава компанијата има 1.236 илјади претплатници или удел од 49 отсто на пазарот на мобилната телефонија, според интерна проценка. Приходите од неговорни услуги на крајот од првите девет месеци од 2018 година се зголемени за 12,6 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.
Компанијата информира за пораст на семејствата покриени со оптички пристап од 11 отсто, споредено со истиот период од минатата година. Како резултат на континуираното ширење на оптичката мрежа, на крајот од првите девет месеци од годинава, 30 отсто од домаќинствата во Македонија имаат пристап до оптика од Македонски Телеком и можност за користење на супер брз интернет, велат од компанијата.
– Очекуваме дека годината ќе ја завршиме според планот и ќе го потврдиме трендот на раст на финансиските резултати, наведува во пишана изјава главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.