Општина Богданци денеска јавно ги повика сите граѓани, бизнис секторот, здруженијата на граѓани и сите заинтересирани правни и физички лица да присуствуваат и рамноправно да учествуваат во работата на првата сесија на Буџетскиот форум.
Целта за организирање на форумот е преку директно, партиципативно учество на граѓаните да им се пружи можност да дадат придонес во креирањето на општинскиот буџет за наредната 2019 година, а воедно претставува и соодветен начин за подобра распределба на ограничените буџетски средства и за постигнување на поголем ефект при нивната реализација, се вели во јавниот повик.
Од Општина Богданци посочуваат дека на овој начин ја искажуваат транспарентноста во работењето и им излегуваат во пресрет на барањата на граѓаните активно да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет.
Буџетскиот форум во Богданци ќе се одржи на 16 ноември,со почеток во 18 часот.