Да се биде успешен не значи да се остваруваат најголемите профити или да се заработуваат големи пари. Тоа е само еден дел од успехот. Да се биде успешен треба да се биде кредибилен пред се, да се биде мотив во општеството, да се вложува во заедницата и да се вложува во личен развој.
Од оваа година за прв пат Македонија ќе добие избор за Мажи на годината. Избор кој има за цел да ја препознае вистинската вредност на успешните мажи. Настанот кој е во организација на Фрајдеј и МОМЕНТУМ има за цел да прерасне во традиција. Според Александар Манев, сопственикот на економскиот портал Фактор и дел од жири комисијата за избор на Мажи на годината, во Македонија има доста успешни мажи.
"Во Македонија имаме доста успешни мажи од еконoмска гледна точка, како сопственици на компании, менаџери на одредени институции кои знаат да се носат со своите предизвици. Да бидам искрен имам чувство дека немаме критична маса за одредени општествени работи и личниот развој на тоа поле како да го запоставуваме. Да се биде успешен не значи да се има само капитал, туку пред се да се биде личност која знае да помогне, која знае да направи работи кои се за почит пред се за себе и другите. Мислам дека ова е пред се поради економската ситуација во државата. Македонија е земја на која и фалат настани, призанија, и фали мотив за другите да можат да се пронајдат во квалитетот. Затоа вакви настани можат да бидат само коректив во иднина. - изјави Александар Манев.
Разговаравме и со режисерката Нина Николиќ, која е режисер на многу претстави со голем број на признанија. Нина Николиќ е и дел од жири комисијата во категоријата Маж со најголеми достигнувања во културата. На тема што претствува успешен маж и колку кај нас се уметнички писмени, таа смета дека мажите се доживуваат значајни доколку добијат гратис билет што ги прави елита, што е погрешно.
"Пред извесно време прочитав дека лекарите во Канада се стекнале со право на пациентите да им препишуваат посета на музеј како дел од терапија, бидејќи е проценето дека „консумирањето“ на уметност ги зголемува нивото на кортизол и серотонин и на тој начин станува корисно за физичкото здравје на човекот. Така што, сите ние имаме и ментална и физичка потреба, па дури и зависност од уметност. Не е потребно специфично образование за да може човек да го доживее и восприеми она што го гледа на сцената, на филмското платно, во музеите и галериите, итн., се разбира секој согласно својот поглед на свет, иако е добро тоа да се стимулира и поттикнува и индивидуално и систематски. Мислам дека она што ѝ недостига на македонската публика е свест за тоа колку е тешко човек да создаде свет (претстава, филм, слика, скулптура) и колку физички и емотивни напори се вложуваат во тоа. Нашата публика не е свесна дека „уметностите“ се исто така професии како и сите други и дека она што се прикажува како производ е плод на макотрпна, долготрајна работа. Македонската „елита“ се доживува како значајна доколку добие гратис билет за културен настан, а вистинските интелектуалци се чувствуваат почестени, корисни и значајни доколку купат билет за културен настан. За мене човек/жена/маж и интелектуалец на годината е секој кој нема да си дозволи ниту да побара, ниту да прими гратис билет.“ - изјави Нина Николиќ
Првиот настан за избор на мажи на годината ќе се одржи на 28 ноември со почеток во 20 часот во Тренд Гастро Бар. Изборот на МАЖИ НА ГОДИНАТА ќе се бира во неколку категории и тоа Маж на годината, Маж со трајни вредности, Маж менаџер на годината, Странец менаџер на годината, Млад менаџер на годината, Маж со најголеми достигнувања во културата, Маж со најголеми достигнувања во спортот, Маж со најголеми достигнувања за општеството, Избор на маж според социјални медиуми. Секоја категорија има свое жири кое дава свои предлози за номинација и се бираат оние кои добиле најмногу гласови од жирито. Се бираат оние кои ги исполнуваат критериумите на организаторите.
Настанот е поддржан од Сојузот на стопански комори на Македонија и Асоцијацијата на менаџери на Македонија.