Австрија синоќа со комеморација ја одбележа 80-тата годишнина од нацистичкиот погром на Евреите во 1938 година, познат како „Кристална ноќ“, од која австрискиот претседател Александер Ван дер Белен упати апел за борба против нетрпеливоста.

– Историјата треба да ја гледаме како пример, кој ќе ни покаже до каде може да доведе политиката на глумење жртва, ширење омраза и исклучивост, изјави Ван дер Белен во обраќањето на комеморацијата, што се одржа на местото на некогашната синагога во виенската населба Леополдштат.

Синагогата во Леополштад била најголем еврејски храм во Виена, кој бил разурнат за време на насилството врз Евреите во ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938 година.

За време на „Кристалната ноќ“, ширум нацистичка Греманија биле убиени 91 Евреин, од кои најмалку 30 во Австрија. Истата ноќ биле затворени околу 7.800 Евреи, а околу 4.000 биле депортирани во концентрациониот логор Дахау.

Ван дер Белен во обраќањето нагласи дека дури историјата и никогаш да не се повтори, „некои ситуации и политичка реторика се сличлни“ на настаните од тој период.

– Во нашата земја или во Европа не смее да се повтори ситуацијата во која ќе бидеме сведоци на понижување, прогон и одземање на правата, истакна австрискиот претседател.

За време на комеморацијата на местото на некогашнта синагога беше откриена светлосна инсталација, која ќе биде една од 25-те во Виена, кои се поставени на локациите каде биле разурнати објекти за време на „Кристалната ноќ“.

Еврејската заедница во Австрија, пак, вчера ја одбележа 80-тата годишнина од „Кристалната ноќ“ со уличен марш насловен „Светлина на надежта“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 10:18