Во периодот од 1 до 5 ноември овластениот комунален инспектор од Општина Струмица спровел надзор над целата територија на општината и притоа на четири лица им изрекол прекршочни санкции во висина од по 200 евра во денарска противвредност, со издавање на прекршочен платен налог, согласно одредбите од Законот за јавна чистота, информираат Општина Струмица.

-Цел на надзорот на инспекторот била спречување и превенирање на палењето на комунален отпад оставен на јавни површини, чие согорување директно придонесува кон дополнително загадување на амбиенталниот воздух и влијае врз здравјето на луѓето, додаваат од општината.

Овластениот инспектор за животна средина при вршење на надзорите во еден случај констатирал прекршување на одредбите од Законот за управување со отпадот од страна на физичко лице кое врши согорување на отпад од стари моторни возила, и против истото е изречена прекршочна санкција во висина од 200 евра во денарска противвредност со издавање на прекршочен платен налог

Комуналните редари при вршење на контролите во 10 случаи констатирале непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота, за што против сторителите се изречени прекршочни санкции во висина од 50 евра во денарска противвредност со издавање на мандатен платен налог..

-Одделението за инспекциски работи, во периодот што следува ќе врши редовни и интензивни надзори на терен. Секое непочитување на законските прописи што ќе биде констатирано ќе биде најстрого санкционирано. Затоа упатуваме апел до сите граѓани да ги почитуваат законските прописи, но истовремено и да соработуваат со инспекциските служби со цел полесно откривање на прекршителите на законите, бидејќи сите заедно имаме иста цел и обврска да ја зачуваме и унапредниме животната средина, за нас и идните генерации, рече Горѓе Бонев, раководител на Одделнието за инспекциски работи при општина Струмица.

Додаде дека и Овластениот инспектор за патен сообраќај во еден случај има изречено прекршочна санкција со издавање на прекршочен платен налог на лице кои врши авто такси превоз со возило кое не ги исполнува минимум техничките услови за вршење на дејноста и со тоа директно влијае на загадувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 11:04