В недела, на 11 ноември (11.11.2018), точно во 11 часот и 11 минути во Битола, како и низ цела Европа, ќе биде одбележан денот на примирјето од Првата светска војна.

Француско-германската комеморација по повод Денот на народната жалост, на која ќе учествуваат претставници на дипломатскиот кор од државата, претставници на национални и локални институции од Република Македонија, ќе се одржи на француските воени гробишта и на германските воени гробишта од Првата светска војна во Битола, со што ќе се заокружат настаните и манифестациите посветени на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна.

В недела на француските воени гробишта високо издигнато ќе биде и знамето на градот Битола, на чиј врв ќе биде поставен „Воен крст со палма", одликување што Република Франција му го додели на Битола како Град страдалник од Првата светска војна, град кој покрај францускиот град Верден во текот на првата светска војна беше разорен и бомбардиран со илјадници бомби и гранати.

Според хроничарите, во текот на првата светска војна Битола, после Верден е втор град по бројот на бомбардирањата, а францускиот истражувач Бернар Лори на научна конференција во Битола истакна дека бомбардирањата почналена 20 ноември 1916 година и до 31 декември 1917 година, бројката награнати достигнала 13.415 гранати. За жал, остатоците се забележуваат и ден денес кога при ископи, изградба на објекти во градот, во Пелагонија, а деновиве и во потпелистерието повторно беа пронајдени неексплодирани гранати од Првата светска војна.

Во текот на оваа 2018 година во Битола се одржаа бројни манифестации, собири, промоции, изложби и други настани посветени на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, во кои се вклучија битолчани од сите генерации.

В недела, средношколци од францускиот град Кутанс, ученици во училиштето „Томас Пескет" и ученици од битолската гимназија „Јосип Броз Тито" ќе испратат порака за мир поставувајќи скулптура гулаб на бел мермер, која заеднички ја изработуваа деновиве во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 14:23