Рудниците на смртта во југоисточна Македонија сепак ќе се градат. Уставниот суд ја поништи одлуката на Советот на Општина Гевгелија, со која се распиша и одржа референдумот против овие рудници, во експресен рок, откако канадската компанија „Ресервоар минералс“ поднесе барање да се преиспита уставноста на одлуката на советот на Општината.

Иницијаторите на референдумот објаснуваат дека до Уставниот суд доставиле образложение во кое на 18 страници, детално се цитирани сите членови на Уставот и законите на РМ, според кои недвосмислено и експлицитно е наведено дека за оваа прашање одлучуваат граѓаните на локално ниво. Без разлика на тоа, Уставниот донесе одлука дека рудниците сепак ќе никнат.

Оваа одлука го урива суверенитет на граѓаните, бидејќи е против уставна, а уставните судии треба да го штитат Уставот – вели Ангел Наков од иницијативата за референдум.

Според инцијативата, одлуката на судиите е срамна и поради тоа ќе мораат сите да си дадат неотповикливи оставки. Девет уставни судии ја запечатија судбината на 500.000 граѓани од југоистокот и застанаа на страната на оние кои планираат од Македонија да направат пустелија“- велат од иницијативниот одбор.

Рудниците се Г1 загадувачка индустрија. Според сите документи на ЕУ и според американската агенција за заштита на човековата околина тие се најголеми загадувачи на почвата, воздухот и водите. Ако ние немаме право да си ја заштитиме нашата човекова околина, не знам кој има право – револтиран е Ангел Наков.

Иницијаторите порачуваат дека немаат друга татковина и дека граѓаните знаат како да го запрат ова лудило. Велат дека има начин да се организира референдум и на државно ниво, а веќе од утре почнуваат и со блокада на патишта.

Драган Милосављевиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 16:35