Во струшкото село Франгово започна изградбата на канализациската мрежа. Вкупната вредност на договорот е 16,8 милиони денари од кои 14,2 милиона денари се обезбедени од ЕУ, додека 2,5 милиони од општината.
На почетокот на изградбата присуствуваше заменик-министерката за финансии Ширет Елези која рече дека со изградбата на овој систем ќе се подобри квалитетот на животот на две илјади жители во ова село.
Градоначалникот Рамиз Мерко посочи дека овој проект е дел од западниот колектор за заштита на Охридското Езеро.
Средствата се обезбедени преку проектот на Светска банка за подобрување на општинските услуги.
Дополнително, како што информира Елези, во Струга се градат канализациски мрежи, локални патишта и водоводни мрежи чија вредност е над 70 милиони денари.
– До крајот на годинава ќе заврши и изградбата на граничниот премин Ќафасан чија вкупна вредност е 92 милиони денари. Дополнително, во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги, Струга ќе добие грант средства за фотоволтаични системи за три објекта. Севкупно, во проекти во Струга инвестираме 300 милиони денари, информира Елези.