Македонско еколошко друштво соопштува дека 2018 година за балканскиот рис ја одбележаа неколку непријатни инциденти: смртта на рис најден во Косово, пожарите на планината Мунела во Албанија и прегазената женка рис на патот Кичево-Охрид во Македонија.
Иако ваквите инциденти можат да бидат погубни за малите популации, сепак балканскиот рис добро се држи. Доказ за тоа е младото рисче на Маја, заловената рисица на планината Стогово што Друштвото ја следи од почетокот на годинава.
-Се изненадивме кога на една од камера замките забележавме видео од малото рисче на Маја, која ја следиме од февруари 2018 година. На снимката направена од нашата камера-замка се гледа дека малото рисче кое има шест месеци има добар апетит и јаде срнечко месо сервирано од неговата мајка. Доколку сме доволно среќни може и ќе го заловиме со GPS околувратник и ќе ги следиме неговите движења, со цел да откриеме како младите рисови наоѓаат нови територии и кои патеки ги користат. Сепак после дождот изгрева сонце!, изјави Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на балканскиот рис во Македонско еколошко друштво.
Рисчето најверојатно ќе биде придружувано од неговата мајка се додека не наврши 10 или 11 месеци.
Инаку неодамна по непријатната вест за прегазениот рис во Македонија, МЕД реагираше до надлежните министерства и потсети дека автопатите без зелени мостови ќе бидат погубни за животните коишто по потрага за храна или парење често пати се принудени да ги користат. За прегазениот рис критична точка на патот Кичево-Охрид беше меѓу Песочани и Ботун, каде што е Славеј Планина и каде што нема ниту тунели, ниту вијадукти.
Балканскиот рис е ставен на листата на критично загрозени животни според Интернационалната унија за заштита на природата (ИУЦН). Според тимот кој 12 години работи на проучувањето и заштитата на ова животно, на просторот на југозападен Балкан нема повеќе од четириесетина возрасни единки од ова животно.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис е комплексен долгогодишен проект кој во континуитет веќе 12 години работи на заштита на балканскиот рис во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Оваа прекугранична соработка е со експертска поддршка и помош од страна на невладини организации од Швајцарија и Германија. Целата програма е финансирана од швајцарската фондација МАВА.