Советот на општина Делчево на денешната седница ги усвои измените и дополнувањата на буџетот за 2018 година со што го намали вкупниот обем за околу седум проценти или за 27,5 милиони денари.

Како што исткана Анка Христова, раководител на Одделението за финансии и буџет, измените во буџетот на општината за 2018 година се потребни поради информациите дека дел од планираните приходи во основниот буџет нема да пристигнат до крајот на годината, а со тоа нема да се реализираат и планираните расходи.

-Намалувањето на вкупниот буџет е за околу седум проценти, додека намалување има во основниот буџет, а зголемување има во буџетот на донации. Основниот буџет се намалува за 27 милиони 532 илјади денари односно за околу 23,4 проценти, додека буџетот на донации е зголемен за околу 17,4 проценти и изнесува 27 милиони 532 илјади денари, рече Христова.

Во групата за даночни приходи (данок од доход, даноци на имот, даноци на специфични услуги и такси за користење или дозволи за вршење дејност), намалување се забележува во делот на даноците на имот за 14,5 проценти (2.140.000 ден), како и кај даноците на специфични услуги за 17,2 проценти , односно за 3,2 милиона денари.

Намалувањето кај приходите од даноци на имот (данок на имот од физички и правни лица, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности) според Христова како резултат на намалениот процент на наплата на данокот на промет.

-Тој данок е непредвидлив и се планира согласно историските податоци од минати години и направените досегашни анализи, па според нашите согледувања до крајот на годината не може да се оствари наплатата на планираниот износ и затоа истите се намалени за 1милион и 500 илјади денари или за 33,3 проценти. Исто така, помал дел намалување има и во делот на планираните приходи за данок на имот од правни лица каде поради ликвидирање на дел од фирмите и не можеше да се изврши наплатата на данокот на имот и тука намалувањето е за 16,6 проценти или 600 илјади денари, додаде Христова.

Советниците денеска расправаа по над 30 предлог-одлуки, а меѓу нив и извештајот за финансиското работење на комуналното претпријатие „Брегалница“, Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и Локалниот акциски план за социјална заштита 2019-2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 18:22