Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја одбележи стогодишнината од крајот на Првата светска војна на француска територија, а претседателот Франк-Валтер Штајнмаер ќе претстојува во Лондон на церемонија во Вестминстерската опатија со кралицата Елизабета Втора.

И додека германските лидери ќе ги посетуваат главните градови на непријателите на Германија од периодите на војните, нивната тактовина нема да има никакви национални манифестации посветени на годишнината од примирјето склучено на 11 ноември 1918 година, со кое беше ставен крај на четиригодишната војна во која загинаа два милиони и беа ранети четири милиони германски војници.

Германскиот Парламент ќе оддржи комбиниран собир посветен на стогодишнината од прогласувањето на Првата германска република, 80-годшнината од нацистичкиот погром на Евреите познат како „Кристална ноќ“ и 29-годишнината од уривањето на Берлинскиот ѕид. По повод овој собир во фоајето на Парламентот ќе биде поставена изложба насловена „1914 /1918 – Не тогаш, не сега, никогаш“.

Освен што Германија во Првата светска војна беше на поразената страна, настаните што следуваа по неа можеби се вистинската причина зошто во земјата ќе нема комеморативни собири. Примирјето од 11 ноември не значеше мир за Германија, како што тоа беше случај во Франција и Велика Британија. Крајот на војната и донесе на Германија револуција и улични пресметки меѓу екстремно левите и ектремно десните групи. Крајот на војната на Германија и донесе крај на монархијата, години на хиперинфлација и масовна сиромаштија и глад и истовремено придонесе за создавање услови што ги доведоа нацистите на власт во 1933 година.

– Ужасното наследство на Холохаустот и огромните штети од Втората светска војната едноставно фрлаат во сенка се друго во Германија, вели историчарот на Институтот „Фридрих Мајнеке“ при Берлинскиот слободен универзитет, Даниел Шонпфлуг.

Неговата нова книга „Светот на работ“ ги анализира директните последици од Првата светска војна од негова лична перспектива.

– Човек не може да се ограничи на тоа имајќи го предвид едноставниот факт дека една земја победила во војната, а друга загубила, вели Шонпфлуг.

Според него, Германија е земјата која во пракса целиот национален наратив од поразот во Првата светска војна го почуствува во 1945 година, а не во 1918 година.

Во Турција, која исто така во Првата светска војна беше на страната на поразените, крајот на војната доведе до распад на Отоманската Империја и Војна за независност, но придонесе и за подемот на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современата турска република.

– Иако сега во Германија на крајот на Првата светска војна се гледа низ призмата на Хитлер и Холохаустот, периодот по неа бил време на утопија во која разноразни движења ги промовирале своите идеалистички визии за мир и демократија, вели Шонпфлуг. – Паралелно со тоа од другата страна на политичкиот спектар десниот утопизам му даде живот на фашизмот, додава тој.

Првичната еуфорија поради крајот на Војната и надежите за подобра иднина набрзо беа потиснати од чувството на незадоволство поради репарациите и условите што и беа наметнати на Германија од страна на државите победнички во војната. Нацистите и десните националисти ги привлекуваа своите приврзаници преку промовирање на митот за „нож во грбот“, односно дека цивилните лидери на Германија ја предале армијата согласувајќи се на капитулацијата на 11 ноември 1918 година.

– Постоела војна меѓу соништа и судир на утопии меѓу десницата и левицата, вели Шонпфлуг.

Иако во Германија нема да има комеморативни собири на национално ниво за годишнината од крајот на Првата светска војна, сепак планирани се неколку манифестации, вклучително и изложба во Германскиот историски музеј во Берлин. Покрај ова, Епископалната конференција ќе отслужи посебна литургија за Војната во Берлинската катедрала.

Освен што германските претставници ќе учествуваат на манифестациите во Лондон и Париз, Министерството за надворешни работи во Германија соопшти дека ќе работи со британските колеги за координирано биење на црковните камбани на 11 ноември за да се одбележи годишнината.

– Камбаните ќе бијат на пладне во сеќавање на над 17-те милиони жртви на Првата светска војна и како повик за разбирање и помирување, соопшти Министертвото.

Бостон Хералд – Бостон



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 18:36