Селекторот на младата македонска фудбалска репрезентација, Добринко Илиевски врати неколкумина „отпишани“ репрезентативци во составот во пресрет на двата контролни мечеви со Србија и со Црна Гора на 16 и 19 ноември во Подгорица.
Илиевски денеска го објави списокот на кој во селекцијата се враќаат Есмин Личина, Емил Абаз, шанса добива и Марко Ферукоски, кој беше стандарден во младата селекција до 19 години која играше елитни квалификации, а ново име е Милош Тошевски од српски Земун, инаку бивш играч на Бродарац со кој беше младински шампион и лани играше младинска ЛШ против Манчестер јунајтед.
Поради настапот на младата селекција до 19 години во квалификациите во Чешка и овојпат Илиевски не смета на Дарко Чурлинов, Енис Фазлагиќ, кои беа на списокот до септември. Ова се воведни контролни мечеви на оваа селекција како подготовка на новата генрација за следниот циклус за Евро 2021. Македонија со Србија ќе се соочи на 16 ноември, а против Црна Гора на 19 ноември. Двата меча ќе ги игра во Подгорица.
„Двата натпревари во Црна Гора се наши први по завршувањето на квалификациите и убава прилика да провериме некои нови фудбалери кои се интересни за нас, а воедно да го воиграме тимот кој што треба да го понесе товарот во следните квалификации. Ќе им дадеме шанса на фудбалерите да видиме дали имаат репрезентативен квалитет, но без премногу експериментирање“, вели Илиевски.
Собирот на селекцијата е на 12 ноември, а два дена подоцна репрезентацијата заминува за Црна Гора.
СОСТАВ: ГОЛМАНИ: Ристе ЈАНКОВ (Работнички), Филип ТРАЈЧЕСКИ (Струга Трим Љум), Томас БОЖИНОВСКИ (Виторија, Португалија);
ОДБРАНА: Ване ЈОВАНОВ (Академија Пандев), Тодор ТОДОРОВСКИ (Вардар), Филип ТРАЈАНОВСКИ (Оддеволд, Шведска), Есмин ЛИЧИНА (Скопје), Оливер СТОЈМЕНОВСКИ (Работнички), Агрон РУФАТИ (Истра 1961, Хрватска);
СРЕДЕН РЕД: Давор ЗДРАВКОВСКИ (АЕЛ Лимасол, Кипар), Јани АТАНАСОВ (Бурсаспор, Турција), Милош ТОШЕВСКИ (Земун, Србија), Андреј ТОДОРОСКИ (Фјорсдорфер, Австрија), Марко ФЕРУКОВСКИ (Кикерс Офенбах, Германија);
НАПАД: Даниел МИЛОВАНОВИЌ (Академија Пандев), Кристијан ТРАЈЧЕСКИ (Оливеира Хоспитал, Португалија), Милан РИСТОВСКИ (Кршко, Словенија), Кристијан ТРАПАНОВСКИ (Викторија Жижков, Чешка), Димитар МИТРОВСКИ (Спортинг Лисабон, Португалија), Марио КРСТОВСКИ (Академија Пандев), Емил АБАЗ (Бершот, Белгија);