Општините Виница и Македонска Каменица започнаа партнерски проект за формирање и јакнење на капацитетите на месните заедници во селските населби.

Целта на проектот „Силни месни заедници за силна локална демократија“, чии носители се здружението „ИНИ“ од Виница и „Надеж“ од Македонска Каменица, е да се зголемат демократските капацитети за партиципативно учество на граѓаните од руралните средини во процесите за остварување на нивните права и интереси пред локалните власти.

-Наша задача е да формираме совети во шест месни заедници, по три во двете општини, а потоа правно да ги описмениме нивните членови за надлежностите и можностите што им стојат на располагање. Сакаме да ги изградиме капацитетите и да ги зајакнеме месните заедници во селските населби каде тие до сега не биле формирани, за да можат да одлучуваат при донесувањето на приоритетните прашања за кои ќе бараат решавање од единиците на локална самоуправа, истакна Тодор Цонев, претседател на здружението „ИНИ“.

Предвидено е да се изработи водич за функционирање на месните заедници како алатка за членовите на советите и на граѓаните од руралните средини за да можат полесно да ги остварат своите права согласно законот за локална самоуправа.

Проектот ќе се реализира до крајот на април идната година со поддршка од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, Институтот за развој на заедниците CDI и Фондацијата „АЛКА“, а е финансиран од фондовите на ЕУ со грант од 240 илјади евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2018 11:34