Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз го прими својот американски колега Доналд Трамп, на средба со смирувачки тон за чувствителното прашање за европската одбрана, еден ден откако американскиот претседател испрати остри критики преку Твитер.
Трамп пристигна во Париз синоќа за да учествува овој викенд на одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, на која присуствуваат лидери од целиот свет.
-Треба подобро да го разделиме товарот во НАТО. Потребни се повеќе вложувања, рече Макрон на почетокот на разговорите во Елисејската палата.
Двајцата лидери видливо се обидуваа да ги смират полемиките со нагласување на нивните блиски врски.
-Станавме многу добри пријатели со текот на годините, рече Трамп.
Американскиот претседател синоќа, кога слета во Париз, на Твитер објави дека го осудил предлогот на Макрон за формирање европска армија.