Завршија градежните работи на улицата „Илинденска” во Делчево. Реконструкцијата на оваа улица, беше еден од приоритетите на општината со цел граѓаните од овој дел на градот да не газат повеќе по калливи улици, истакна градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски.
-Согласно со проектот, изградена е улицата во должина од околу 300 метри и ширина од три метри, поплочена е со бехатон плочи, а поради конфигурацијата на теренот, изграден е потпорен ѕид од 40 метри во должина и четири метри висина. На овој дел е превидено да се постави и ограда во должина од 40 метри, а ќе се постават и три канделабри”, истакна Трајковски.
Увид во квалитетот на завршената работа на „Илинденска”, денес направи и министерот без ресор Аксел Ахмедовски.
-Оваа улица придонесува населбата да има два влеза, како и поврзување на два реони во стариот дел од градот. Задоволен сум од реализацијата на проектот, истакна Ахмедовски.
Министерот без ресор најави поддршка и за решавање на други инфраструктурни проблеми во Делчево.
-Со ребалансот на буџетот за оваа, но и со буџетот за наредната година, верувам ќе имаме уште средства и ќе решиме многу проблеми, посочи Ахмедовски.
Улицата „Илинденска” претставуваше „тесно грло” во населбата Втори Реон и со нејзината изградба се поврзаа двата реони во стариот дел од Делчево. Вредноста на инвестицијата е 2,1 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на РМ преку Стратегијата за Ромите.