Тетовското село Беловиште денеска ќе биде домаќин на 8. „Шарпланинска костенијада“ – саем не костенот, медот, виното, традиционалната трпеза и локалните производи.
Гостите ќе имаат можност да дегустираат костени и вино засладено со мед, а ќе може да го пробаат и специјалитетот „шарска плескавица со костен“.
-Ќе има многу излагачи од регионот и странство со производи, пред се од костенот и традиционалното негово користење. Ќе има производители на органски костенов мед, тетовски грав, јаболка, ореви,.. Освен што ќе можат да дегустираат и да купат од производите, учесниците ќе добијат и селектиран костенов расад како поттик за обновување на костеновите шуми – велат организаторите.
За претпладневниот дел од Саемот се најавени планинарски и велосипедски тури, рекреативни прошетки и мото крос и џип кантри тура како промоција на турстичкото поврзување на Скопје со Шара.
Предвидено е и рибарење, како и посета на цркви и манастири.
Во рамки на манифестацијата ќе се презентира иницијативата за заштита на костеновите шуми и костенопроизводителите.
Според програмата, на „Шарпланинска костенијада“ ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва, етно изведувачи од Македонија и од соседните земји.