По повод 11 Ноември, Денот на општина Старо Нагоричане вчера се одржа свечена седница на Советот на општината на која градоначалникот Жаклина Јовановска, додели пет ноемвриски награди, за кои претходно одлучуваше Kомисијата за одбележување празници и манифестации.
Годинава ноемвриска награда во оваа општина, добија четири поединци и еден правен субјект, Миле Цветановиќ од Старо Нагоричане во категоријата најдобар земјоделец, Оливер Тасевски од село Добрача во категоријата најдобар сточар, за најуспешен спортист е прогласен Стефан Лазаревиќ од село Старо Нагоричане за најдобар просветен работник ноемвриската награда и припадна на наставникот по македонски јазик од основното училиште „Светозар Марковиќ“, Драгица Димковска, а добтник на Ноемвриската награда за најуспешна фирма е приватната здравствена установа на доктор Јелена Митиќ во село Облавце.
Во говорот пред присутните Јовановска се осврна на историските моменти поврзани НОБ и најави дека наредниот период општината ќе работи на искористување на потенцијалите со кои располага за развој на руралниот туризам.
Свечената седница се одржа во новата сала која беше пуштена во употреба по повод празникот на општината. Изградбата на салата е дел од проектот со кој беше уреден и просторот околу чешмата во Младо Нагоричане, за кој аплицираше Центарот за развој на североисточниот плански регион, а е финансиран од Бирото за регионален развој во износ од 45.000 евра.