Партијата на Емануел Макрон, ЛРЕМ, која за сега не членува во ниедна европска политичка група, најави приближување и соработка, пред мајските европски избори, со Алијанската на Европските Либерал Демократи (АЛДЕ).

Најавата дојде на Конгресот на АЛДЕ на 9 ноември од страна на Астрид Паносјан, од редовите на партијата на Макрон и негова блиска соработничка. Паносјан навести коалиција со Либералите пред изборите за Европскиот Парламент, а понатаму создавање на нова “поголема“ група, со можност да се вклучат и други движења кои сѐ уште не се дел од АЛДЕ.

АЛДЕ во овој момент се четвртата сила во Европскиот Парламент, но партијата се дистанцираше од процесот Шпиценкандидати за европските избори. Според овој процес, сите политички партии назначуваат кандидат кој ќе ја води нивната изборна листа, и кој, доколку однесе победа, треба потоа да стане претседател на Европската Комисија.

Иако на последните избори АЛДЕ го назначи Белгиецот Ги Верхофштат за Шпиценкандидат, тој неодамна изјави дека системот води само кон назначување на демохристијанин за шеф на ЕК и социјалист за надворешни работи и бара здружување на сите “либерални, демократиски, реформистички и центристички сили“ пред изборите.

АЛДЕ нема да назначи еден кандидат за изборите туку екипа на кандидати од источна и западна Европа во обид да ги здружат либералните и реформистичките сили на континентот.

Партијата на Емануел Макрон е формирана пред последните француски избори како центристичко движење во кое членуваат и левичари и десничари, партијата не е застапена во Европскиот Парламент и не членува во ниедна европска политичка група, иако Либералите одамна се обидуваат да ја привлечат во своите редови.

Најавата на Паносјан е прв пат ЛРЕМ да се изјасни попрецизно за европски политички сојуз.

Верхофштат како и Макрон се одлучени да водат кампања против “популистите и нелибералните демократии“, отворено укажувајќи на политички фигури како Италијанецот Матео Салвини и Унгарецот Виктор Орбан како нивни наголеми ривали на следните европски избори.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2018 12:43