Францускиот претседател Емануел Макрон денеска на стогодишниата од крајот на Првата светска војна, ги повика светските лидери да ја потврдат својата одговорност за мирот и на децата да им пренесат „свет за каков сонувале претходните генерации“.

– Новите идеологии манипулираат со религиите, додека историјата се заканува да го повтори својот трагичен тек, предупрди тој во говорот на централната церемонија кај Триумфалната капија во Париз, во присуство на околу 70 светски лидери.

Макрон потсети дека на 11 ноември 1918 во 11:00 часот, пред точно сто години, во Париз и цела Франција одекнале труби и заѕвониле ѕвона, а тоа, истакна тој, беше примирјето.

– Мораме да се сетиме на таа огромна поворка борци кои дошле од целиот свет затоа што Франција за нив претставувала вредности кои ги ценеле, рече Макрон.

За време на тие четири години, истакна тој, „Европа за малку не извршила самобиство – со десет милиони загинати и шест милиони повредени, а многумина од оние кои се вратиле од војната ја загубиле својата младост, идеали, радоста на живеењето“.

– Светот ги откри размерите на раните кои ги криеше жарот на борбите. Солзите на оние кои умираа се менуваа со солзите на преживеаните, рече тој додавајќи дека момчиња од целиот свет умирале за села за кои никогаш не слушнале.

Макрон во говорот го истакна и значењето на патриотизмот на Французите кои се бореле во 1914, а вредностите на патриотизмот ги спротивстави на национализмот.

– Франција знае што им должи на своите борци и борците од целиот свет. Се поклонува пред нивната големина. Нека оваа годишнина биде ден кога се обновува вечната почит кон нашите жртви, нагласи Макрон.

Според него, потребно е пред народот да се потврди огромната одговорност, на децата да им се пренесе свет за каков сонувале претходните генерации.

– За нашиот свет се разденува утро на ново доба, зора на цивилизација која човечките способности ги издигнува до најголеми височини, порача тој, повикувајќи на „достоинствено соочување со судот на иднината“.

Макрон им се заблагодари на присутните светски лидери „што се собраа како браќа“, но заклучи дека овој собир не треба да биде само „собир на еден ден“.

– Да живее мирот, да живеат слободните земји, да живее Франција, со овие зборови францускиот претседател го заврши својот говор, по што положи венец и запали оган кај Споменикот на незнајниот јунак.

Според првичниот план Макрон својот говор требаше да го почне точно во 11:00 часот, кога пред 100 години било потпишано Примирјето, но целата церемонија доцнеше поради доцнењето на светските лидери.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2018 13:37