УЕФА има план против Супер лигата, подготвуваната од европските фудбалски гиганти. Според „АС“ меѓу итните мерки, кои ги разгледуваат од евроцентралата е преместувањето на натпреварите од Лигата на шампионите за време на викендот, додека дуелите од локалните првенства да се играат во вторник и среда.
Овој предлог сепак добил отпор од четирите големи европски шампионати – англиската Премиер лига, шпанската Примера дивизион, италијанската Серија „А“ и германската Бундеслига. Сите официјално се противат на промената до УЕФА. Од друга страна, останатите федерации инсистираат пред евроцентралата да ја смени одлуката по четири екипи од овие држави директно да се квалификуваат за групната фаза на Лигата на шампионите.
На 3 декември, Извршниот одбор на УЕФА ќе дискутира за две многу важни прашања. Една од нив е дали ВАР ќе биде воведен оваа сезона, и да не се чека до наредната. Другото е евентуалното формирање на трет европски клупски турнир од 2021 година, со кој бројот на учесниците ќе порасне до 96.
Во меѓувреме, ФИФА интервенираше на темата за создавање на Супер лига на европските гиганти. Џани Инфантино предупредил дека играчите кои учествуваат во таков турнир, кој не е организиран од УЕФА, нема да можат да играат на турнирите организирани од ФИФА, меѓу кои е Светското првенство во фудбал. Тие нема да можат да учествуваат и во континенталните првенства како Европското или Копа Америка, како и во Светското клубско првенство.