АД ЕЛЕМ почна акција за пошумување на земјиште во сопственост на РЕК Битола, каде на просторот помеѓу селата Новаци, Брод и Гнеотино ќе бидат засадени 50 илјади багремови садници.

Генералниот директор на компанијата информира дека локацијата за пошумување е избрана во соработка со стручни лица од Шумарскиот факултет во Скопје со цел максимално намалување на запрашувањето во непосредната околина на РЕК Битола, а засадувањето ќе биде извршено од вработени во државните електрани на Македонија

-Нашата цел е да создадеме заштитен зелен појас кон населените места, како и да го облагородиме земјиштето со засадување дрвја врз одлагалиштето на пепел, да обезбедиме што е можно повеќе услови за намалување на запрашувањето и да создадеме што повеќе природни услови за прочистување на воздухот околу нашиот производствен капацитет, посочи Миновски.

Паралелно со зазеленувањето околу Комбинатот, се работи и на изградба на насипот околу одлагалиштетото, односно т.н. касета во која ќе се одлага пепелта, потврди Миновски.

-Мерките за заштита на животната средина во делот на одлагањето пепел се заокружуваат со инсталацијата на систем за прскање на активното одлагалиште. Оваа акција е во напредна фаза и наскоро системот ќе биде ставен во функција. Оваа акција за пошумување и неколкуте проекти што ги споменав се само дел од активнсотите што АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ги преземаат за да влијаат позитивно врз животната средина. Во текот на следната година не очекува и почеток на проектот за реконструкција на електростатските филтри – исклучително значаен проект што не бил реализиран од 1996 година, нагласи Миновски.

АД ЕЛЕМ планираат следната година да засадат уште 100.000 багремови садници околу РЕК Битола во две акции, односно на пролет во март и на есен во ноември.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2018 15:35