Хулен Лопетеги остана само 139 дена на чело на Реал Мадрид, а потоа беше отпуштен поради лоши резултати на тимот.

Поранешниот шпански селектор добил обесштетување од 18 милиони евра, што му било исплатено откако бил отпуштен од раководството на„Сантијаго Бернабеу“.

Само пред пет месеци, Лопетеги беше тренер на Шпанија. Сепак, тој ја напушти оваа позиција непосредно пред Светското првенство за да го преземе предизвикот и да го води Реал Мадрид.

„Кралевите“ го објавија Лопетеги за свој нов тренер на 12 јуни, по што Шпанската фудбалска федерација побрза да го разреши неколку часа пред почетокот на Светското првенство во Русија.

Реал Мадрид потоа официјално го претстави на 14-ти јуни.

Лопетеги стана најбрзо отпуштен тренер во ерата на Флорентино Перез. Шефот на клубот се покажа бескомпромисен во овој поглед – за 15 години има отпуштено 12 ментори. И покрај лошите резултати, медиумите во Шпанија се обединија околу ставот дека поранешниот голман не добил време да ги наметне своите ставови.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2018 15:53