Тренерот на Интер, Лучано Спалети, го сподели своето мислење за денешниот тежок пораз од Аталанта.
„Нероазурите“ беа поразени со 4:1, а голманот Хандановиќ го спаси тимот од Милано од покатастрофален пораз. Стратегот го оддаде заслуженото на домаќините и изјави дека недостаток на концентрација и доста изгубени индивидуални дуели биле клучни за победа на Аталанта.
– Не можевме да ја задржиме концентрацијата во поголем дел од мечот. Ова им овозможува на противниците да постигнат нешто против нас. Кога се соочуваме со добро подготвени тимови како Аталанта, овој фактор е огромен. Тимот на Аталанта ја заслужи победата бидејќи одржуваше високо ниво во сите 90 минути, додека ние бевме прилично разнишани. Успеавме да го подигнеме темпото во вториот дел, но потоа повторно се повлековме во некои ситуации, изјави тренерот.
Италијанецот додаде дека можат многу да научат од денешниот натпревар и ќе работат да не се повторат истите грешки.
– Заморот не може да биде алиби. Штом губиш на тој начин, треба да му признаеш на својот противник. За време на паузата ќе работиме на она што нè спречува да ги постигнеме нашите цели и да ги оправдаме очекувањата, заклучи менторот.