Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека тој и американскиот колега Доналд Трамп многу се разликуваат. Меѓутоа, заедничко им е тоа што двајцата се аутсајдери, а не „класични политичари“.

– Веројатно затоа се согласуваме во борбата против тероризмот. Знаеме каде не се согласуваме – климата, трговијата, мултилатеризмот, но многу добро соработуваме бидејќи имаме редовни и директни разговори, изјави Макрон.

Во врска со твитовите на Трамп, Макрон истакна дека тој повеќе сака непосредна конверзација или одговарање на прашања, отколку да води дипломатија преку Твитер.

Францускиот претседател, исто така, нагласи и дека себе си не се нарекува националист, како што го прави тоа Трамп.

– Би рекол дека сум патриот. Не верувам во некаков вид глобализам без разлики, но не сум националист…, додава Макрон.

Тој истакна дека силно верува во соработка меѓу различни народи и во фактот дека таа соработка е добра за сите.

– Националистите понекогаш многу повеќе се потпираат на унилатерален пристап и законот на посилниот, што не е случај со мене. Тоа е веројатно нашата разлика, заклучи Макрон.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 09:45