Старите весници и списанија се дневници со информации од секојдневието во изминатите декади, обликувано или диктирано од разни општествени контексти и идеологии. Но тие, исто така, се и богат извор на примери за разликите меѓу некогаш и сега – почнувајќи од правописните и лексичките промени во јазикот, преку типографијата и стилот на новинските текстови до тоа како низ времето напредувало рекламирањето и огласувањето.

Дамнешни објави во весниците и списанијата т.е. сериските публикации што се чуваат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ се бараат за читање често – и од поединци, и од институции. Во 2017 година имало 3.800 позајмувања, од кои 1.450 биле на „Нова Македонија“ и на Службен весник на РМ, велат за МИА од надлежниот Сектор за библиотечни фондови и услуги, заштита.

Во дневниот печат од минатото може да се трага по статија за настан од пред 70 години, оглас објавен во мај 1982, да се разгледа ТВ-програмата од некоја новогодишна ноќ во 1970-тите или, како во неодамнешен случај, кога физичко лице успеало по долго пребарување да најде семејна фотографија што белградскиот весник „Политика“ ја објавил во 1940 година.

Според дефиницијата на ISBD (CR) (International Standard Bibliographic Description -Continuing Resources), сериска публикација е континуиран извор на кој било медиум кој се објавува последовно во одвоени свески или книги и обично има нумерички и хронолошки ознаки и нема однапред предвиден завршетoк: весници, часописи, магазини, годишници зборници, календари, адресари, извештаи, статистички годишници итн…

Вистинско истражување е да се дојде до конкретен напис во некој весник или списание, кога не знаете точно во кој период или број е објавен, со оглед на тоа дека Националната и универзитетска библиотека, според последниот статистички извештај од 31 декември 2016, чува 3.357 наслови на весници со 1.157.753 поединечни броеви и 17.964 наслови на списанија со 631.476 поединечни броеви. Во 2017 година се примени и нови 35 наслови на сериски публикации (17 македонски и 18 странски) кои првпат излегле минатата година, како и тековни 204 наслови, односно оние што излегувале во претходните години и продолжиле да излегуваат и лани.

– Пребарувањата најчесто се тематски. На пример, познати личности ги бараат статиите што се објавени за нив, или академици кои пребаруваат сè што е објавено на одредена тема. Имаме и барања од правни лица – добиваме службени дописи од судовите за некој податок што ним им е потребен, на пример од некое судење за одреден предмет. Често ни се обраќаат и институции – националните установи за своите јубилеи бараат податоци за одгласите во дневниот печат од времето кога се формирани, зашто ретко која од нив има своја архива. На нивно барање тоа им го дигитализираме и тие го внесуваат во своите монографии, вели за МИА Зорица Јаковлеска-Спировска, раководителка на Секторот за библиотечни фондови и услуги, заштита.

Во депоата на НУБ не се чуваат само весници и списанија печатени во Македонија, туку и примероци од сериски публикации (вклучително и службените весници) што доаѓале од републиките на поранешната заедничка држава. Затоа што до 1991 година НУБ беше депозитна библиотека и по принципот задолжителен примерок сè што се печатело во Југославија доаѓало и тука.

Во посебно депо, пак, сместена е збирката со ретка периодика во која се чуваат изданијата печатени пред 1946 година. За општиот фонд на НУБ, до кој пристап имаат регистрираните корисници, важи правилото изданието да не се изнесува надвор од библиотеката, а за изданијата од ретката периодика дополнително потребна е и најава и се прелистуваат во посебна читалница под надзор на одговорен библиотекар.

– Имаме огромен фонд од 281 наслов сериски публикации што се ретки, печатени пред 1946 година и се заштитени како културно наследство од големо значење. Пр. „Револуција“ од 1895 година која ја издавал Васил Главинов, списанието „Лоза“ на Младата македонска книжевна дружина, што излегувало од 1892 до 1894. Имаме „Македонско дело“ издавано од Димитар Влахов, „Македонски голос (глас)“ од 1913-1914, што го издавал Чуповски во Петроград… Во збирката архивски примерок, пак, се наоѓа целокупната македонска продукција, заедно со југословенската, од 1946 година до денес. Таму се сместени сите изданија на „Нова Македонија“ – од првиот број до денес. Таму се и броевите од 1944 и 1945 година, иако според поделбата и староста влегуваат во првата збирка – ретка периодика, но за да не ги двоиме и тие се чуваат во збирката архивски примероци, објаснува Јаковлеска-Спировска.

Пребарување во електронскиот каталог

За да читате и прелистувате некој весник или списание со стар датум, треба да го побарате во електронскиот каталог (база) поставен на веб-страницата на НУБ (Е-каталог на НУБ на nubsk.edu.mk) наведувајќи го нејзиниот наслов и периодот што го барате. Ако правилно го пополните налогот за пребарување, ќе ја добиете сигнатурата без која не е возможно да се дојде до публикација што ни треба.

Јаковлеска-Спировска вели дека електронската база почнала да се полни во 1989 година и сериските публикации се во најголем процент внесени. Оние што не се, се пребаруваат во класичните каталози. Нема сериска публикација која се чува во НУБ, нагласува таа, а да нема информации за неа.

За побрзо да го најдете тоа што ви треба, велат во Секторот, најдобро е да дојдете подготвени и со позната сигнатура по пребарување на базата од дома, но може да ви помогнат и информаторите што работат на пултот во НУБ. По пополнување на ливчето-налог за позајмување, се чека најмногу половина час за бараниот весник или списание да биде донесен од магацинот и да го користите во читалницата на НУБ.

– Целта на електронскиот каталог е корисниците да можат да пребараат од дома и овде да дојдат со готова информација. Информаторите ги обучуваат корисниците сами да пребаруваат. Исклучок се комплексни пребарувања – тематски, биографски, кога треба да се најде сè за одредена тема. Тогаш ви треба помош од библиотекарот, вели раководителката.

Заради прегледност и заштита, броеви од исто издание се поврзуваат и собираат во томови со тврди корици – дневните весници се најчесто собрани во том за еден месец, а неделните и месечните списанија се укоричени за периоди од три или повеќе месеци во том. Според библиотечните стандарди, најголемите публикации – томовите во четврти формат т.е. со должина од над 30 сантиметри, на полиците се наредени хоризонтално за да се зачуваат од оштетување.

Конзервација и реставрација за долготрајност на хартијата

Хартијата, особено од весниците, е материјал кој природно старее. Покрај тоа, весниците од минатото биле печатени на неквалитетна хартија со голем процент на лигнин. Затоа таа има жолтеникава боја, брзо старее и лесно се оштетува. Во НУБ се прави конзервација и рестварација која подразбира употреба на специјална хартија за да се надополнат делчиња што недостигаат.

Лабораторијата на НУБ е централна за реставрација на хартија во Македонија и сите институции и приватни лица тука носат материјали. Третирањето може да биде рачно или машински. Старите (меѓу кои и средновековни) ракописи кои се и највредни се реставрираат рачно. Весниците и списанијата се сметаат за не толку вредни и се реставрираат машински. Во лабораторијата во која работат само двајца конзерватори дневно вообичаено може да се обноват 20 листови машински или 10 листови рачно.

Јаковлеска-Спировска, која по професија е конзерватор, ни го раскажа процесот: за рестaврација се користи специјална јапонска хартија – пластична фолија која служи како лепак и се импрегнира на висока температура и притисок во машина (ламинатор) за на крајот да се добие примерок на хартија што може да се користи без да се оштети. Во принцип, тоа треба да биде трајна заштита. Оваа постапка била користена многу во 1970-тите, а во модерната конзервација се смета за агресивна и веќе е поретко во употреба. Тоа е затоа што се работи на температура од 120 Целзиусови степени, што им пречи на целулозните молекули кои се во основата на хартијата. Во поново време, вели Јаковлеска-Спировска, се користат синтетски фолии за реставрација со готов лепак кои се нанесуваат со алатки – пегла или леткум и се аплицираат со помала температура, од 60 до 70 степени.

– Во моментов 99 отсто од работата во лабораторијата се старите ракописи зашто тие се приоритет. Периодични публикации многу ретко се работат, но затоа почна процесот на дигитализација. Добивме средства за почеток на дигитализација на „Нова Македонија“ за првите четири години од излегувањето на весникот – 1944-1947, наведува Јаковлеска-Спировска.

Сериските публикации се само еден дел во трезорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, која има околу 3,1 милиони библиотечни примероци во кои се и специфичните видови – музички и ликовни збирки. Податокот е од последниот статистички извештај од 2016 година. Статистичките извештаи НУБ ги прави на секои три години и му ги доставува на Државниот завод за статистика. Комплетен попис или ревизија се прави на десет години.

Според Законот за издавачка дејност, со т.н. задолжителен примерок се добиваат пет примероци од целокупната издавачка продукција во Македонија. Три од нив се за НУБ и по еден за универзитетските библиотеки во Битола и Штип.

Првиот од трите примероци што ги добива НУБ е значајно културно наследство и НУБ има задача само да го чува. Тој е архивски/музејски примерок и до него корисниците немаат пристап. Ним им се достапни вториот и третиот кои се ставаат во општиот фонд и кои, за разлика од комплетниот прв примерок, може да бидат нецелосни или оштетени.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 09:55