По повод 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, утре на помошното игралиште на Работнички ќе се одигра ревијален фудбалски натпревар меѓу ветераните на Црвена ѕвезда и ветераните од Скопје.

– Фудбалот е игра со која сме растеле и се уште живееме. Ветераните на Црвена ѕвезда патувајќи низ повеќе места во светот сакаат да го популаризираат фудбалот како игра, забава, дружење меѓу луѓето. Овој пат одбравме ние да бидеме домаќини на екипата во која ќе се појават звучни имиња кои многу значат на поранешните ју-простори како Џаиќ, Савиќ, Караси, Шестиќ,… Ги поканувам љубителите на фудбалот да дојдат и да дадат поддршка на овој настан, изјави Трифун Костовски, поранешен градоначалник на Град Скопје.

На натпреварот ќе се појави и македонскиот легендарен фудбалер Дарко Панчев кој ќе одигра по едно полувреме за двете екипи.

– Во чест на градот, на сеќавањата на убавите моменти во фудбалот, на пријателството, се вклучив да помогнам што подобро да ги пречекаме овие големи имиња кои значеле многу во регионот. Тие играчи ни биле идоли нас и на многумина други и затоа ќе се потрудиме да мине се во најдобар ред.

За ветераните од Скопје меѓу другите најавени се Илија Најдоски, Пепи Георгиевски, Томче Трајановски, Митко Стојковски, Ванчо Мицевски, Драган Канатларовски…

Почетокот на натпреварот на теренот на Работнички во „Градски парк“ е во 13 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 15:23