Со противпожарни црева, несовесни кавадарчани си ги наводнуваат лозјата, а со тоа ги доведуваат во опасност станарите во колективните станбени згради, кои во случај на пожар ја немаат можноста за првична заштита.

Вака во изјава за МИА, се пожалија сопственици на станови во повеќе згради. Заедно со нив фотографиравме повеќе хидранти. Едни зјаат празни, а во други има се и сешто, само не црева за противпожарна заштита, за што се и наменети.

– Со нашите противпожарни црева кои ни беа украдени, сега некој си наводнува по нивите. Не е во ред таквата непромисленост на поединци кои сопствениот интерес го ставаат пред општата безбедност, ни рече Душанка Анева која живее во зграда веќе 32 години.

Чадот од греењето на дрва во одводите за вентилација

И пожарникарите се свесни дека нема хидрантска мрежа по најголем дел од колективните станбени згради во градот. Тие посочуваат дека има и еден друг проблем, кога поединци самоиницијативно го пренасочувале чадот од греењето на дрва во одводите за вентилација во зградите.

Бидејќи едукацијата на населението е важна во услови на пожар, Територијалната противпожарна единица од Кавадарци деновиве спроведува акција со која на кавадарчани им се делат флаери и им се даваат совети, како да постапуваат превентивно, за да се намали бројот на пожари. Но и како да делуваат, ако веќе се појави огнено жариште.

-Прво и основно е да се меморира бесплатниот телефонски број 193. Осумдесет проценти од населението, за жал не го знае тој број. А и тие што го знаат, може да го заборават при пожар, кога ги фаќа паника. Затоа е добро да биде мемориран, информираат пожарникарите.

За да има пожар треба да има материја што гори, извор на палење и кислород, им се појаснува на граѓаните, при што им се даваат совети дека и самите во почетна фаза на огнот можат да се спасат од поголеми последици, како со влажни крпче, черга или ќебе да се задуши пламенот за да не се прошири. Ако гори тенџерето на пример да не се гасне со вода, туку да се покрие со влажно, со цел да се одземе кислородот и да згаснат пламените јазици, појаснуваат пожарникарите, споделувајќи и искуства со граѓаните.

На присутните на средбите што ги организираат, им се укажува оџаците да не ги заградуваат со дрвен мебел како што е пракса во многу домаќинства, од кои има и такви кои настрадале. Се појаснува и дека е многу важна изведбата на оџаците крај кои не треба да има дрвенарија, како и нивното редовно чистење. Да не се купуваат продолжени кабли со сомнителен квалитет. Но и да се со добар квалитет, на нив да не приклучуваат енормно многу електрични апарати.

Станари во колективни згради се пожалија дека меѓу нив има и такви кои не сакаат да плаќаат за чистење на оџаците, не се грижат за насобраните саѓи кои остануваат по греењето, неправилно ги затвораат крајните димни одводи со дрвени парчиња и слично.

Пожари и кај казани за печење ракија

Со стартот на грејната сезона почнаа да се појавуваат и пожари кај оџаци во Кавадаречко, па затоа командирот на територијалната противпожарна единица од Кавадарци Александар Чадамов повикува на внимателност од страна на граѓаните кои живеат како во индивидуални станбени објекти, така и во колективни згради.

-Сопствениците на куќи кои се греат на дрва, во овој период од годината задолжително да ги исчистат оџаците, да ја проверат кровната конструкција за да видат дали гредата поминува покрај оџакот или навлегува во него. Неопходно е исто така да се изврши замачкување на оџакот од надворешната страна, во поткровјето, како и да се провери електричната инсталација. Посебно внимание да обрнат оние кои живеат во куќи со таканаречени “кара” тавани, порачува Чадамов.

Оние кои живеат во колективни станбени згради, тој ги советува да ги надминат меѓусебните недоразбирања помеѓу себе, да ги исчистат оџаците и да ја проверат нивната исправност.

-Ако не се греат на дрва и не ги користат оџаците, отворите за сулинари да ги затворат со печени цигли. А сите кои имаат дрвени плакари веднаш до оџаците, да ги отстранат на прописно растојание, нагласува командирот на кавадаречките пожарникари.

​Освен кај оџаци, кои можат да предизвикаат пожар доколку не се правилно изведени и доволно обезбедени, во овој период од годината кога масовно се произведува ракија во најголемиот лозарски регион во Македонија, доаѓа и до пожари кај казани за печење на ракија, кај лозари кои биле невнимателни додека ја подготвувале домашната тиквешка жолта. Од територијалната противпожарна единица од Кавадарци апелираат до кавадарчани да бидат внимателни при обавувањето на оваа традиционална работа. Да не ги оставаат казаните сами, баш на крајот кога истекуваат последните количини на ракија. Ова со цел да се избегне пожар и безбедно да заврши и оваа сезона на печење ракија.

И за крај, од противпожарната служба ги замолуваат кавадарчани да не фрлаат пепел со жарчиња во контејнерите. Затоа што на тој начин предизвикуваат пожари, но и дополнително го загадуваат воздухот во Кавадарци.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 16:27