Градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков денеска не сакаше да коментира во врска со тоа дали Уставниот суд на Република Македонија ја поништил одлуката на гевгелискиот Совет на општината со која беше распишан референдум против рудниците на Кожуф, се додека официјално одлука не пристигне кај него. Сепак потенцира дека неговиот став за ова прашање не е променет.

– Мнозинството граѓани на Општина Гевгелија, Советот и јас како градоначалник, но и Владата, имаме идентичен и јасен став околу ова прашање потврден преку неколку одлуки. Во овој момент можам само да кажам дека мојот став не е променет и дека како градоначалник на Гевгелија не отстапувам од заложбите за еколошка и зелена Гевгелија – рече Поцков.

Во текот на август, пред да расправа по барањето на канадската компанија „Резервоар Минералс“, за укинување на нашата одлука, појасни Поцков, Уставниот суд од нас побара и ги доби донесените одлуки за распишување на референдумот, резултатите и нашето мислење по поднесената иницијатива.

Инаку, локалниот општински Совет распиша референдум на 15 март 2017 година, по што на 23 април тој и се одржа. На референдумот речиси 99 отсто од излезените граѓани гласаа против отворање на рудници.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 16:28