[photo]
Екипите на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ пронајдоа и отстранија неколку „диви“ приклучоци на цевководот што ја дистрибуира водата од браните до градот, информираа денеска надлежните од претпријатието.
Дел од овие нелегални приклучоци се отстранети, а дел од граѓаните одлучиле да платат надоместоци и да се приклучат кон цевководот за наводнување.
– Наредниот период заеднички со јавното претпријатие „Водовод“ ќе спроведеме акција за пронаоѓање и отстранување на дивите приклучоци. Акцијата, планираме да ја спроведеме од март, идната година. Секако и во овој период ќе се обидеме со расположливите капацитети да ги детектираме нелегалните приклучоци, изјави директорот Оливер Илиевски.
И дотогаш оние кои нелегално се приклучени ќе имаат можност да се приклучат на цевководот кој ја дистрибура водата до филтер станицата и да платат за таа услуга, чија што цена зависи од квадратурата на дворовите и се движи од 1.500 до 6.000 денари.
АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ одвоило 1, 7 милиони денари за отстранување на дефектите на цевководот. За наредната година, надлежните планираат да побараат средства за оваа намена од Управата за водостопанство.
– Браните Глажња и Липково се во стабилна состојба, со одредени недостатоци кои ќе ги утвруваат стручни лица од Градежниот факултет од Скопје. Тие ќе треба да достават елаборат во кој ќе бидат наведени недостатоците за чија санација средства ќе побараме од инвестиционата програма на Владата, рече Илиевски.
Капацитетот на браните, Липково и Глажња во моментов изнесува околу 17 милиони кубни метри вода.