Интензивно се работи на доопремување на првиот мултифункционален и мултикултурен центар во Делчево. Центарот ќе биде смесетен на третиот кат во Спомен дом АСНОМ, а ќе биде опремен со читална, современа просторија за склучување бракови и сала за состаноци која, покрај за другите потреби, ќе биде ставена во функција и за одржување на седниците на Советот на општината.

Како што информираше Билјана Петровска директор на ЈЛБ „Илинден“ денеска се опремува читалната која ќе биде дел од овој центар.

-Во неа нашите читатели ќе можат да читаат, студентите да подготвуваат испити, исто така овде ќе може да се читаат дневните весници и да се реализираат и други активности поврзани со промоција на литературни наслови. Читалната комплетно ќе биде готова до крајот на месец декември, истакна Петровска.

Додаде дека читалната ќе биде опремена со модерен мебел, изработен од врвни архитекти, а инвестицијата е во висина од 287 илјади денари.

Првиот мултикултурен и мултифункционален центар треба да придонесе за унапредување на учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните на Општина Делчево во креирањето на локалните политики. Проектот за негова изградба е финансиран преку субгрант од Европска Унија во рамките на ИПА програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми 2014.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 17:25