Исламисткичкото движење Хамас презеде одговорност за денешниот ракетен напад од Газа против Израел.

Хамас соопшти дека ракетниот напад бил одговор на смртта на седуммина негови борци, кои беа убиени во вчерашните судири со израелската армија, во кои беше убиен и израелски офицер.

Според некои медиуми, од Газа кон Израел биле истрелани околу 80 ракети, но повеќето од нив биле пресретнати и уништени од израелската противвоздушна одбрана.

Израелски медиуми претходно јавија дека Палестинци отвориле оган со минофрлачи од Газа и уништиле автобус во Израел, во близина на границата. Во нападот бил повреден еден човек.

Израелските телевизии емитувале снимки од автобус што гори, а се гледала и светлина од експлозии при пресретнување ракети од страна на израелскиот систем за противракетна одбрана „Железна купола“.

Кусо време потоа, израелското Министерство за одбрана информира дека израелски воени авиони нападнале позиции на терористи во Газа.

Во нова ескалација на насилството, израелските сили за одбрана соопштија дека авијацијата почнала да напаѓа „терористички цели во Појасот Газа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2018 18:39