Во Велес единствената мерна станица на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) скоро една година не мери ПМ 10 честички кои го загадуваат воздухот.

Од МЖСПП како што информира за МИА Сашо Секуловски, во постапка е набавка на делот кој е расипан за апаратот, а треба да се набави од странство, а освен за Велес и да се оспособи мерната станица за скопско Лисиче.

Тие појаснуваат дека кога истиот ќе се набави, а за што не посочија одреден рок, апаратурата според нив повторно ќе профункционира.

На новинарско прашање дали ќе профункционира втората мерна станица на МЖСПП во Велес лоцирана кај УСО „Коле Неделковски“, а која не работи веќе две години, тој посочи дека во Велес сега нема потреба за работа на втората.

-Велес во изминатите години, а по затворањето на Топилница не е толку загаден град и доволно е едно мерно место. Затоа ние како МЖСПП сме ангажирани на поставување на нови мерни станици за следење на состојбите на воздухот во другите населени места во земјава, а кои според нашите согледувања се повеќе загадени од Велес, потенцира Секуловски.

Инаку мерната станица во Велес која е сместена во Детската градинка во Тунел скоро една година не мери ПМ10 честички, но затоа ги мери останатите параметри на загадување на воздухот: како сулфур диоксид, јаглен моноксид и азотни оксиди.

Граѓаните на Велес со започнување на грејната сезона деновививе се жалат на зголемено загадување на воздухот, а поради што имаат отежнато дишење посебно во вечерните и раните утринските часови.

Велешани бараат од надлежните да ја оспособи мерната станица за да знаат каков воздух дишат, а ако е загаден МЖСПП да превземи и мерки за заштита на нивното здравје од зголеменото аерозагадувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 03:16