Военото крило на Хамас соопшти дека ќе ги зголеми нападите и ќе истрела ракети врз израелските градови Ашдод и Бершеба, ако Израел ги продолжи воздушните напади врз Појасот Газа.

Предупредувањето беше упатено денеска, неколку часа откако ракета истрелана од Појасот Газа усмрти Израелец при директен погодок на станбена зграда во пристанишниот град Ашкелон. Ракетата беше истрелана откако при синоќешниот израелски воздушен напад ја уништи зградата на телевизијата на движењето Хамас во Појасот Газа.

Портпаролот на военото крило на Хамас изјави дека Ашкелон „падна на дофат на огнот во одговор на бомбардирањето на згради во Газа“ .Тој рече дека Ашдод и Бершеба „се следните цели, ако непријателот продолжи да бомбардира згради со цивили”.

Обединетите нации, Европската унија и Русија ги повикаа Палестинците и Израелците да ја запрат брзата ескалација на насилства во Газа во последните 24 часа.

– Нова војна во Газа би била неверојатна трагедија. Мораме да ја избегнеме по секоја цена, изјави синоќа во Париз генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес Николај Младенов тесно соработува со Египет и сите заинтересирани страни за брзо смирување на ситуацијата, соопшти портпаролот на Гутереш.

Неименувани дипломатски извори за израелски медиуми наведуваат дека ситуацијата многу ќе се влоши доколку обете страни не покажат „максимална воздржаност“.

Амбасадорот на ЕУ во израел Емануле Жафро ги оцени како неприфатливи нападите врз цивили, истакнувајќи дека „сите мора да отстапат од работ на амбисот“.

Руското Министерство за надворешни работи оцени дека ситуацијата е опасна бидејќи може да доведе до голема воена операција и хуманитарен колапс во Газа.

– Москва со длабока загриженост гледа на таа опасна ескалација, наведе руското МНР, дополнувајќи дека го смета Израел одговорен за најновото заострување, „испровоцирано од израелската воена операција во Газа во недела навечер“.

Од друга страна, високиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џејсон Гринблат смета дека исламистичко екстремистичкиот Хамас го принудил Израел на воена акција со истрелувањето проектили. Гринблат, кој ги предводи напорите за обнова на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците, што се во застој од 2014 година, на Твитер напиша дека светот се „заморил од насилството на Хамас и насилствата на другите лоши актери во Газа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 11:22