Локалната самоуправа на Кочани обезбеди над 30,5 милиони денари за реализација на проектот „Планински велосипедски рај“ што ќе се реализира на Осоговските Планини.

Станува збор за проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот на Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од грант од Европската Унија.

-Целта на проектот „Планински велосипедски рај“ е да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство. Тоа ќе се овозможи со изградба и обновување на велосипедски планински патеки, обновување на планинарскиот дом, проширување на паркингот и развој на други услуги за поддршка на овој вид туризам. Проектот е поврзан со постојната инфраструктура и се вклопува во стратешките цели на општината за збогатување на туристичката понуда, истакна Сашо Стоименов од секторот за планирање и развој на Општина Кочани.

Проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани. Планирана е и изработка на интерактивна апликација за мобилна телефонија, со податоци за планински велосипедизам што ќе вклучува презентација на геореферентни податоци на јавно достапните мобилни мапи.

Изградбата на велосипедските патеки и останатите придружни содржини ќе почне идната година и треба да се реализираат во период од 12 месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 15:58