Музејот „Теракота“ од Виница ги почна археолошките истражувања на локалитетот Кременик во атарот на селото Драгобрашта, кој според првично откриените предмети и украсна керамика припаѓа на период од енеолитот, односно од петтиот милениум пред нашата ера.

Истражувањата со рекогнисцирање се одвиваат под раководство на стручна екипа археолози предводена од Јулијана Иванова и Благица Стојанова од Виничкиот музеј, и Илинка Атанасова, кустос советник од Археолошкиот музеј на Македонија.

-Музејот „Теракота“ првпат го регистрираше овој локалитет во 2013 година кога беше направена почетна опсервација на површинскиот движен материјал и се утврди дека станува збор за праисториски наоди од бакарното време. Со сегашните истражувања на поширокиот простор ќе собереме нови докази и податоци за што поточно да ги определиме карактерот, обемот и точниот временски интервал на кој му припаѓа локалитетот, истакна археологот Иванова.

По активностите на терен што ќе се одвиваат до крајот на ноември, ќе продолжи натамошната научна обработка на добиениот материјал, за да се добие почетна база на податоци кои ќе помогнат во понатамошните истражувања.

Археолошкото истражување на локалитетот Кременик се реализира како проект од национален интерес, финансиран од Министерството за култура на и од Општина Виница.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 16:55