Од утре општина Куманово почнува со примена на методата на аеросолизација, секторот за инспекциски надзор ќе дежура во втора смена, одговорните ќе работат и во саботите и неделите и ќе ги казнуваат несовесните граѓани кои на различни начини придонесуваат за зголемување на аерозагадувањето.
Ова се дел од мерките кои ќе ги преземе општина Куманово за намалување на загадувањето на воздухот во градот, кое изминативе денови беше неколку пати повисоко во однос на дозволените гранични вредности, информираа на денешната прес-конференција, надлежните од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово.
-Инспекторите ќе работат постојано. Наредниот период акцент ќе ставиме на спалувањето на отпадот што го вршат несовесните граѓани. Сите кои ќе бидат затечени на лице место ќе бидат санкционирани, изјави, овластениот раководител на секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски.
Тој им се заблагодари на совесните кумановци кои го пријавуваат загадувањето и несовесните граѓани кои прекршуваат неколку закони, за јавна чистота, за градење, за комунални дејности, за животна средина.
– Аеросолното запрашување ќе се врши во централните градски улици, бидејќи, според испитувањата извршени во април највисоко загадување имаше во централното градско подрачје, изјави Бојковски.
СВР Куманово ќе се вклучи во откривањето на несосвесните граѓани.
Граѓаните можат да пријават палење на 192, по што полицијата и општинската инспкеција ќе излегува на увид. Во последните три месеци напишани се 27 казни, 58 писмени опомени, по што сторителите на лице место го отстраниле прекршокот и две казни – за спалување на отпад и испуштање отпадна вода на јавно прометна површина. Оние кои ќе палат отпад ќе платат казна од 200 евра.