САД се свесни за постоењето бази за балистички ракети во Северна Кореја, кои беа претставени како тајни, соопшти денеска американскиот претседател Доналд Трамп.

– Статијата во весникот „Њујорк тајмс“ не е точна, нема ништо ново и ништо необично. Пак лажни вести. Јас прв ќе ви соопштам ако работите тргнат наопаку, напиша Трамп на Твитер.

Вчера „Њујорк тајмс“ објави дека американски експерти со помош на сателитски снимки откриле најмалку 13 од можни 20 ракетни бази во Северна Кореја, чие постоење досега не било познато.

Вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии вчера објави дека лоцирал „најмалку 13 од 20-те тајни ракетни бази во Северна Кореја“.

Центарот во својот извештај наведува дека во некои од објектите се забележуваат активности за одржување и мали подобрувања во инфраструктурата.

Објектите споменати во извештајот на оваа американска тинк-тенк организација се распоредени во оддалечените планински области низ Северна Кореја и може да се користат за складирање балистички проектили со различен дострел, при што за најголемите од нив се верува дека имаат капацитет да стигнат до САД.

Северна Кореја не го признава постоењето на ниту една од тие ракетни бази, а прецизното откривање на нуклеарното и ракетното оружје, според аналитичарите, се важен дел од договорот за денуклеаризација.

На самитот во Сингапур во јуни, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп се обврзаа да работат на денуклеаризација, но за нивниот договор се уште нема конкретна реализација, а разговорите се одвиваат тешко.

Центарот посочува дека нивните податоци укажуваат пред каков предизвик во преговорите е Вашингтон, кој се обидува да го убеди Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје и балистичките ракети



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2018 23:19